• среда, 18 декември 2024

Винотека за развој на вински туризам отворена во Кавадарци 

Винотека за развој на вински туризам отворена во Кавадарци 

Кавадарци, 3 април 2024 (МИА) - Винотека за развој на вински туризам е отворена денеска во Кавадарци. Винотеката ја посети и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев кој потсети дека во рамки на развојот на Винскиот туризам и привлекување на вински туристи, Општина Кавадарци на последната седница на Советот на општината, донесе одлука за давање на простор во трајно користење, на ЈОУ Локален вински музеј за регион Тиквеш – Кавадарци, во центарот на градот. 

-Винотеката е регистрирана како подружница на градската винотека во рамки на Винскиот музеј  и тука ќе можат да се купат вина, ракија  и вински производи од малите семејни винарии, кои егзистираат на територија на Тиквешијата. Ова е втора винотека во склоп на Винскиот музеј и се работи визионерски, бројот да биде зголемен, нагласи Јанчев. 

Тој додаде дека целта е преку овие специјализирани продавници, да се промовираат висококвалитетно македонско вино и други производи од грозје како маџун и гроздов сок,  што се вистински традиционален и културен белег на општината. Со овие винотеки, додаде, се зголемува и туристичката понуда на Кавадарци, како центар на Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата, а со тоа се придонесува и кон побрз локално - економски развој.

Директорката на Вински музеј, Весела Честоева се заблагодари на градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци, за можноста да се отвори оваа винотека, за промоција на винскиот туризам и привлекување на љубителите на виното и други производи од грозје. 

-Бележиме зголемен интерес за посета на Вински музеј, кај сите оние што сакаат да се запознаат со историјата, културата и традицијата на ова поднебје, подвлече Честоева. свд/вј/

 

Фото: Вински музеј 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан