• понеделник, 23 декември 2024

Веќе 11 дена активен е пожарот кај Еврос, изгорени над 80.000 хектари 

Веќе 11 дена активен е пожарот кај Еврос, изгорени над 80.000 хектари 

Атина, 29 август 2023 (МИА) – Пожарот во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, активен е веќе 11 дена, иако ситуацијата е значително подобрена, а заклучно со вчера, изгорената површина е над 80.000 хектари, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во областите Еврос и Родопи борбата со огнените јазици е насочена кон три активни жаришта и интервенираат 475 пожарникари со 100 возила, 16 пешадиски тима, а од воздух, пожарите се гасат со шест авиони и четири хеликоптери.

Според новите сателитски податоци достапни од Службата за брзо мапирање Copernicus на Европската комисија, анализирани од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, вкупната изгорена површина од шумскиот пожар кај Еврос, односно во пожарите во Александруполи и националниот парк Дадиа, надминува 80.800 хектари заклучно со вчера напладне.

Ова е трет пат Националниот парк Дадиа да биде зафатен од пожар во изминатите 12 години.

Во пожарите во 2011 и 2022 година изгореа околу 8.000 хектари од заштитениот регион Натура 2000.

Претседателот на катедрата за шумарство и животна средина на солунскиот Универзитет „Аристотел“ Александрос Димитракопулос, за радиото на грчката новинска агенција АНА-МПА изрази стравувањата дека шумата во Дадиа „никогаш повеќе нема да ја видиме онаква каква што ја знаевме“ и нема да постои повеќе досегашниот екосистем.

Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво и е една од првите области во Грција што е прогласена за заштитена бидејќи таму коегзистираат голем број видови флора и фауна. Дом е на три од вкупно четири европски видови мршојадци и е едно од ретките засолништа за 36 различни видови загрозени грабливци. 

За обнова на шумите како во Еврос така и на планината Парнита во близина на Атина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе одржи состанок со раководствата на Министерствата за животна средина и енергија и за климатска криза и цивилна заштита.ср/сд/

Фото: Националната опсерваторија во Атина/ портал Метео

Остани поврзан