• сабота, 23 ноември 2024

Вечерните долги ракавици се враќаат во мода

Вечерните долги ракавици се враќаат во мода
Лос Анџелес, 3 август 2021 (МИА) - Вечерните долги ракавици, родени во елегантната скромност и традиционално поврзани со англиските балови и стариот Холивуд, повторно се враќаат во мода, судејќи според најновите колекции на брендовите за висока мода за претстојнава есен. Неколку децении откако Одри Хепберн ги прослави, тие потоа ретко се појавуваа, и тоа обично на црвениот тепих и разни гала-настани. Но, најновите модни ревии најавуваат враќање на голема врата, бидејќи никогаш досега овој моден додаток не се појавил на толку многу модни ревии во една сезона, избрани од дизајнери со толку различна естетика. Ракавиците беа и еден од најголемите трендови на црвениот тепих во сезоната на награди лани. Тие дури се појавија и во музички спотови, вклучувајќи ги и „WAP“ на Карди Б и Меган ди Сталион, или „Good 4 U“ на Оливие Родриго. За оваа есен вечерните долги ракавици се појавија во колекциите на „Гучи“ (во соработка со „Баленсијага“), „Прабал Гурунг“, „Родарте“, „Прада“, Џонатан Коен, „Брок колекшн“, Марк Џејкобс и „Алтузара“. Според Хали Спрадлин, директорка на компанијата за предвидување на модни трендови „Фешн Снупс“, ова има врска со повторно контекстуализирање на нешто што некогаш изгледаше недостижно и резервирано за високото општество, пренесува списанието „Фашониста“. - Она што е интересно во врска со враќањето на овој додаток, е тоа што спаѓа во друг тренд што го следевме. А, тоа е рушење на бариерите за традицијата и враќање на предмети што обично или историски ги носеше елитата, бидејќи истиот кодекс на облекување повеќе не важи, смета Спрадлин. Овој замав продолжи и со неодамнешните колекции на висока мода од брендовите „Фенди“, „Баленсијага“ и „Валентина“, каде што доаѓаа во повеќе различни бои и стилизирани со сѐ - од минифустани до панталони.  си/сд/

Остани поврзан