• сабота, 23 ноември 2024

Вечер свечено затворање на Струшките вечери на поезијата

Вечер свечено затворање на Струшките вечери на поезијата

Струга, 27 август 2023 (МИА) - Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва на Мостот на поезијата свечено ќе се затвори 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

На настанот кој треба да започне во 20:30 часот ќе им бидат врачени награди на годинашниот лауреат и добитник на „Златен венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ, на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

На фестивалот настапуваат странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамки на програмата на фестивалот беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

Утре е последниот фестивалски ден, кој ќе биде одбележан со „Поезија на пат“, поетско читање во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, а фестивалот официјално ќе заврши со Меѓународен поетски митинг на платотот пред Музејот на современа уметност во Скопје.свс/вј/

Фото: СВП

Остани поврзан