Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ во рамки на 52. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“
- Во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“ вечер со почеток во 20.00 часот ќе биде изведена операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, информираат од Националната опера и балет.
Скопје, 11 мај 2024 (МИА) - Во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“ вечер со почеток во 20.00 часот ќе биде изведена операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, информираат од Националната опера и балет.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена.
Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст. сст/аа/
Фото: Постер