Велосипедска тура „По патеката на оризот“ во Кочани по повод Меѓународниот ден без автомобили
- Општина Кочани доцна попладнево ја организираше традиционалната велосипедска тура „По патеката на оризот“, со која се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден без автомобили и Европска
Кочани, 22 септември 2022 (МИА) – Општина Кочани доцна попладнево ја организираше традиционалната велосипедска тура „По патеката на оризот“, со која се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден без автомобили и Европската недела на мобилност.
Членови на велосипедски и спортски здруженија од регионот, ученици, рекреативци и граѓани возеа низ оризовите полиња на патека со должина од 15 километри, при што ја поминаа релацијата од пред зградата на Локалната самоуправа до селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, со повторно враќање на стартната точка во Кочани.
Под мотото „Биди видлив“ поддршка во организирањето на велосипедската тура даде и Ротари клубот Кочани-Виница, а целта беше да се сврти вниманието кон зголемена заштита и безбедност на велосипедистите во сообраќајот.
-Редовно даваме поддршка на вакви благородни активности, а годинава за сите учесници обезбедивме флуоросцентни елеци за да ги направиме повидливи на улиците и патиштата. Кај нас велосипедистите се недоволно заштитена категорија учесници во сообраќајот и сметаме дека треба засилено да се работи на подигање на јавната свест, особено меѓу возачите на моторни возила. Здравиот начин на живеење и заштитата на животната средина заслужуваат поддршка, користењето велосипед како превозно средство е еден од начините да се постигне тоа, а нашиот регион има одлични услови за спортски и рекреативен велосипедизам, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.
Настанот беше спроведен според протоколите за безбедност во сообраќајот од страна на Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Велосипедската тура „По патеката на оризот“ почна да се реализира од пред три години, кога се вклучија и дипломатски претставници од европските држави кои во изминатиот период дадоа исклучителен придонес во заштитата на животната средина во Кочани и во регионот. та/лв/