• сабота, 14 февруари 2026

Велика Британија објави: Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е убиен со токсин од отровна жаба

Велика Британија објави: Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е убиен со токсин од отровна жаба

Лондон, 14 февруари 2026 (МИА) - Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен со употреба на отров развиен од токсин од отровна жаба, соопшти денеска британското Министерство за надворешни работи.

Тие го оквалификуваа тој чин како „варварски“, наведувајќи дека е употребен невротоксин класифициран како хемиско оружје и проценија дека „само властите на Владимир Путин можат тоа да го спроведат“, јави Скај њуз.

Се уште не е јасно како отровот, познат како епибатидин, наводно бил применет врз Навални.

Две години по смртта на Навални во казнена колонија во Сибир, Велика Британија и нејзините сојузници го обвинија Кремљ откако анализираа примероци од материјали пронајдени на неговото тело.

На Велика Британија ѝ се придружија Шведска, Франција, Холандија и Германија во обвинувањето на Русија дека е одговорна за труењето.

Министерството за надворешни работи објави дека Велика Британија ја известила Организацијата за забрана на хемиско оружје за наводното кршење на Конвенцијата за хемиско оружје од страна на Русија.

Навални, борец против корупцијата и најгласниот руски опозициски лидер, ненадејно почина во затвор на 16 февруари 2024 година на 47-годишна возраст. зш/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан