Вебер: ЕПП нема да го поддржи трговскиот договор ЕУ-САД
- ЕПП е за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза. Царините од нула отсто за американските производи мора да бидат ставени на чекање, наведе Вебер во објава на Икс.
Брисел, 18 јануари 2026 (МИА) – Во овој момент не е можно одобрување на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, па затоа Европската народна партија (ЕПП) нема да го поддржи документот, најави лидерот на ЕПП, Манфред Вебер.
- ЕПП е за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза. Царините од нула отсто за американските производи мора да бидат ставени на чекање, наведе Вебер во објава на Икс по најавата на американскиот претседател Трамп дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нивното противење на американското преземање на Гренланд.
Според Вебер, важен чекор кон зајакнување на конкурентноста и стратешката автономија на ЕУ е зајакнување на економскиот светски поредок базиран на правила.
Ваквата најавата на Вебер следи откако претходно и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), се заложија за одлагање на гласањето во Европскиот парламент за трговскиот договор ЕУ-САД, како дел од одговорот на Унијата на американските закани околу Гренланд.
- Сосема е скандалозно како Доналд Трамп ги користи царините и економските закани за да спроведе нелегитимна територијална претензија. Гренланд не е адут за преговарање, порача европратеничката на СД, Кетлин Ван Бремпт.
Најавата на Вебер дека и ЕПП, која е најголема пратеничка група во Европарламентот, нема да го поддржи договорот, ги намалува шансите за обезбедување мнозинство во ЕП за негово усвојување. сп/
Фото: МИА Архива