• недела, 06 октомври 2024

Вашингтон со зголемени мерки за безбедност ги пречекува шефовите на држави во пресрет на историскиот самит на НАТО

Вашингтон со зголемени мерки за безбедност ги пречекува шефовите на држави во пресрет на историскиот самит на НАТО

Вашингтон, 8 јули 2024 (МИА) - Блокирани улици во централниот дел на американската престолнина, стопиран сообраќај и затворени метро станици, безбедноста на највисоко ниво, но и привремено затворени продавници и ресторани – Вашингтон се подготвува за пречекот на високите делегации по повод долгоочекуваниот самит на НАТО.

Како домаќин на овој јубилеен настан, се одржува од 9 до 11 јули, Вашингтон е одбран симболично. Точно пред 75 години 12 земји од Европа и Северна Америка потпишаа политички пакт за формирање на она што подоцна ќе стане најмоќната воено алијанса во светот, составена од економско развиени и либерално-демократски земји каде се почитува владеење на правото.

Темелот на Организацијата на северноатлантската повелба, официјалното име на НАТО, беше поставен на 4 април 1949 година со потпишување на северноатлантската повелба, позната и како Вашингтонска повелба.

Десетици шефови на држави и влади и илјадници останати учесници се очекува да дојдат деновиве во Центарот за конвенции „Волтер И. Вашингтон“. Официјалната програма започнува во вторник, со агенда фокусирана на Украина и засилената помош за Киев во неговото одбивање на непрекинатата агресија од страна на Русија.

Генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, во среда попладне ќе одржи голема прес-конференција.

Во меѓувреме, во здружената воена база „Ендрјус“ во Мерлиленд, денеска и утре пристигаат шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО.

Сите овие активности се пропратени со безбедносни мерки и тесна контрола на сообраќајот, затворање на повеќе централни улици и метро станици и пренасочување на автобуските линии.

Самитот е и испит за претседателот на САД, Џо Бајден, кој се наоѓа во критичен момент од својата кампања за повторен избор, па безбедносната и нормалното одржување на самитот се посебна главоболка за него и актуелната администрација.

Јавноста е соочена со безбедносни бариери, огради и ограничено паркирање околу трите главни локации каде ќе се одвиваат активностите – центарот за конвенции, аудиториумот „Мелон“ и Белата куќа.

Во меѓувреме, американската тајна служба и локалните власти имплементираат повишени мерки за безбедност со подготовка за можни закани. Иако тие веќе изјавија дека не очекуваат кредибилни закани. Властите исто така очекуваат и протести, со оглед на постојаното никнување на нови против војната во Газа, како во салите на Конгресот, така и пред објектите на престој на лидерите или пред Белата куќа.

Во меѓувреме, жителите на округот Колумбија за локалните медиуми се пожалија од отежнатите услови за движење и строгите полициски контроли. Се пренесуваат жалби од сопствениците на бизниси дека мора да затворат оваа недела поради недостапноста до нивните локации.

Некои ова го споредија со самитот САД-африкански лидери во декември 2022 година кој што предизвика драстично намалување на нивните профити. кб/

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан