• вторник, 24 декември 2024

„Вашингтон Пост“: Договорени принципите на договорот за примирје во Газа

„Вашингтон Пост“: Договорени принципите на договорот за примирје во Газа

Ерусалим, 11 јули 2024 (МИА) - Израел и Хамас се договорија за принципите за ослободување заложници и договорот за прекин на огнот и сега преговараат како да го спроведат, објави денеска „Вашингтон пост“.

Весникот оценува дека клучниот чекор за двете страни е тоа што се договориле „привремено да управуваат“ со Газа, а во втората фаза од договорот да управуваат силите поддржани од Палестинската управа, која управува со делови од окупираниот Западен Брег.

Колумнистот Дејвид Игнатиус цитира висок американски функционер кој наведува дека во моментов се преговара за овие детали.

Израелските медиуми пренесуваат дека, сепак, потребна е претпазливост затоа што, иако има рамка, конечниот договор веројатно се уште е неизвесен и ќе треба време да се договорат сите детали.

„Каменот на сопнување беше транзицијата (во втората фаза) во која Хамас ќе ги ослободи машките војници држени како заложници и двете страни ќе се согласат на „траен крај на непријателствата“ со целосно повлекување на израелските сили од Газа“, напиша колумнист на Вашингтон пост.

Игнатиус верува дека клучниот развој е тоа што и Израел и Хамас сега „сигнализираа дека прифаќаат план за привремено управување што ќе започне со втората фаза во која ниту Хамас, ниту Израел, нема да управуваат со Газа“.

Во првата фаза од шестнеделното примирје, заложниците, старите и болните ќе бидат ослободени во замена за палестински затвореници. Така предлогот на договорот, за кој рече дека е израелски, на крајот на мај го претстави американскиот претседател Џо Бајден.

За безбедноста во втората фаза би се погрижиле сили обучени од САД со поддршка на умерените арапски земји.

Тие би биле формирани од 2.500 членови на групата поддржувачи на Палестинската управа која Израел наводно веќе ја проверила.

Хамас им соопшти на посредниците дека е „подготвен да се откаже од управувањето за привремен аранжман за управување“, изјави американски претставник за Вашингтон пост.

Палестинската исламистичка организација со сила ја презеде контролата врз Газа, победувајќи ги силите лојални на поумерениот ривал Фатах во 2007 година. Оттогаш, Фатах доминира само на Западниот Брег, додека Газа е управувана од Хамас.

Колумнистот на „Вашингтон пост“ оценува дека двете страни се мотивирани да ги прекинат борбите, а Израел наводно сака да ги подготви своите сили за можен конфликт со Иран и неговите сојузници.

Изворот уште навел дека Хамас е во лоша состојба во своите подземни дувла и нема муниција или залихи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан