• петок, 22 ноември 2024

Ватикан ги олеснува правилата за кремирање

Ватикан ги олеснува правилата за кремирање

Рим, 12 декември 2023 (МИА) - Ватикан денеска соопшти дека ја олеснува претходната позиција за кремирањето, така што дел од пепелта на починатиот може да се положи на место што го одбрало ожалостеното семејство, а не исклучиво во црква или на гробишта. 

Британските медиуми денеска потсетуваат дека во претходното упатство од 2016 година, Ватикан нагласуваше дека пепелта мора да се чува на „свети места“,па согласно тоа не дома и да не се дели меѓу членови на семејството или да се фрла на ветрот. 

Канцеларијата за доктрини на Ватикан денеска соопшти дека тие упатства остануваат на сила, но додаде дека роднините можат да побараат „минимален дел од пепелта на својот роднина, што ќе го складираат на место важно за биографијата на починатиот“. 

„Тоа би можело да се направи, под услов да се исклучат антихристијанските практики, како што се пантеизмот или натурализмот, како и преостанатиот дел од пепелта да се чува на свето место“, додаваат од Ватикан. 

Според папската канцеларија, „чувањето на пепелта на покојникот на свето место гарантира дека тие не се исклучени од молитвите и сеќавањата на нивното семејство или на христијанската заедница“, со што се спречува покојникот „да биде заборавен или да покаже недостаток на почит кон нивните останки“. 

Исто така, се забележува дека пепелта на мртвите може да се меша во заедничка урна наместо да се чува одделно, се додека идентитетот на секој починат е означен „за да не се изгуби сеќавањето на нивните имиња“. 

Се додава дека христијанскиот погреб може да биде одбиен за оние кои бараат да се расфрла пепелта на починатиот. 

Денешното соопштение, потпишано од првиот човек на Канцеларијата за доктрини на Ватикан, аргентинскиот кардинал Виктор Мануел Фернандес, а одобрено од папата Франциск, е одговор на прашањата на поглаварот на Италијанската католичка црква, кардиналот Матео Зупи. 

Британските медиуми забележуваат дека Католичката црква имала долгогодишно недоразбирање за кремирањето и оваа пракса ја забранувала со векови, наводно затоа што „се спротивставува на учењето за воскресението на телото на последниот суд на крајот на светот“. Забраната беше укината во 1963 година, но црквата сè уште гледа на кремирањето со сомнеж. сд/

Остани поврзан