• петок, 20 декември 2024

Вархеји: Се надевеме дека сите страни ќе ги поддржат уставните измени со цел Северна Македонија да оди напред 

Вархеји: Се надевеме дека сите страни ќе ги поддржат уставните измени со цел Северна Македонија да оди напред 

Брисел, 8 ноември 2023 (МИА) – Властите на Северна Македонија продолжија да демонстрираат и јавно да ја декларираат својата посветеност за напредок на европскиот пат и сега кога започна процесот на пристапни преговори, земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. 

- Парламентот и Владата се залагаат да почнат и приоритетно да се спроведат релевантните уставни измени. Се надеваме дека сите страни ќе го поддржат тоа за земјата да оди напред, изјави Вархеји, додавајќи дека спроведувањето на уставните измени е суверена одлука и определба на земјата, која дополнително би ги зајакнала основните права. 

Според него, загриженост предизвикаа некои измени во Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво.  

- Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и справувањето со корупцијата, вклучително и преку солидни истраги, гонење и конечни пресуди за случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење, додаде Вархеји. 

Во однос на скрининг процесот еврокомесарот посочи дека тој напредува непречено и дека властите на земјава покажале високо ниво на посветеност во неговата реализација. 

Тој во обраќањето потсети дека Европската комисија препорача отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, како и со Босна и Херцеговина, откако земјата ќе го постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство.  

- И понатаму, препорачуваме да и се даде кандидатски статус на Грузија како признание дека земјата презеде одредени чекори, додаде Вархеји. 

Тој се осврна и на Планот за раст на Западен Балкан, чија цел, како што рече е да се поттикнат економиите на земјите во регионот во следните години со цел да се намали социо-економскиот јаз меѓу нив и членките на Унијата до крајот на оваа деценија. 

- Сакаме постепено да го интегрираме Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ, дури и пред полноправното членство во ЕУ, изјави Вархеји, додавајќи дека Планот за раст ќе им помогне на партнерите на ЕУ од Западен Балкан да ги забрзаат основните реформи, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и демократијата, како и во привлекувањето приватни инвестиции, промовирање на одржлив економски раст и намалување на загадувањето. 

Според него, долгорочната цел е да му се помогне на регионот да го постигне својот целосен потенцијал во однос на капацитетот за економски и социјален развој во споредба со земјите членки на ЕУ до 2030 година. 

- Накратко, Планот за раст ќе создаде соодветни услови за нашите регионални партнери да станат членки на Унијата, заклучи Вархеји. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан