Вархеји: ЕУ подготвува амбициозен План за кардиоваскуларно здравје
- Кардиоваскуларните заболувања се убиец број еден во Европа секоја година одземајќи по 1,7 милиони човечки животи, па затоа ЕУ до крајот на годината ќе објави План за кардиоваскуларно здравје, најави еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји во изјава по повод Светскиот ден на срцето - 29 септември.
Брисел, 29 септември 2025 (МИА) - Кардиоваскуларните заболувања се убиец број еден во Европа секоја година одземајќи по 1,7 милиони човечки животи, па затоа ЕУ до крајот на годината ќе објави План за кардиоваскуларно здравје, најави еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји во изјава по повод Светскиот ден на срцето - 29 септември.
- Но, покрај страдање на луѓето, кардиоваскуларните заболувања, исто така, секоја година во ЕУ резултираат и со околу 282 милијарди евра трошоци за здравствена заштита и економски трошоци. Европската комисија веќе инвестира над 160 милиони евра во проекти во земјите членки и засегнатите страни, со цел намалување на товарот од кардиоваскуларните заболувања, дијабетесот и претилоста, наведува Вархеј во изјавата.
Сепак, според него, тоа не е доволно, па затоа Европската Унија подготвува амбициозен План за кардиоваскуларно здравје, чија цел ќе биде подобрување на здравјето на срцето за сите.
- Планот на ЕУ за кардиоваскуларно здравје ќе има меѓусекторски пристап, опфаќајќи превенција, рано откривање и скрининг, третман и лекување и рехабилитација. Исто така, ќе ги опфати можностите што ги нудат новите технологии, вештачката интелигенција и дигиталните и персонализираните алатки. Планот, исто така, ќе ги надополни празнините во истражувањето и иновациите, како и нееднаквостите меѓу земјите членки и меѓу различните групи на население, потенцира Вархеји.
Тој додава дека за успешност на ваквиот план на Еврокомисијата и е потреба помош и посветеноста на сите, па затоа во моментов работи на собирање мислења од пациенти, здравствени работници, фармацевтската индустрија, експерти и од пошироката јавност.
- Темата на овогодинешниот Светски ден на срцето е „не пропуштајте ни отчукување“. Нема да пропуштиме ни отчукување во нашата работа за подобрување на кардиоваскуларното здравје на ЕУ. До крајот на оваа година ќе го презентирам нашиот план. Ве поканувам да ни се придружите на ова патување, додаде Вархеји во пораката по повод Светскиот ден на срцето - 29 септември. сп/са/
Фото: Икс