• петок, 22 ноември 2024

Ванковска: Ќе бидам претседател на сите граѓани, на сите сиромашни, обесправени, дискриминирани

Ванковска: Ќе бидам претседател на сите граѓани, на сите сиромашни, обесправени, дискриминирани

Струмица, 4 април 2024 (МИА) - Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска, кампањата за претседател, под мотото „Го враќаме достоинството на нацијата“, ја почна од Струмица. Таа од вечерашниот митинг порача дека себе си се дефинира како можен претседател на сите граѓани, бидејќи така пишува во Уставот и би била претседател на сите сиромашни, сите обесправени, сите дискриминирани, а такви, како што рече, има и меѓу Албанците, и меѓу Ромите, и меѓу Србите, и меѓу Власите и меѓу сите.

-Ние сме сите по таа класна основа обесправени, без оглед што јас доаѓам од привилигиран слој на академска фела, но овој систем е неправеден и кога некој ќе ме праша што е среќа, дајте дефиниција на среќа, во американскиот Устав има формула да трагаш по својата среќа. Како да бидам среќна ако моите сограѓани се несреќни. Како да бидам среќна кога просат по улици, како да бидам среќна кога денес пред штабот ме запира човек бездомник. Ние сме несреќни и со право мораме да бидеме гневни, рече Ванковска.

Додаде дека битката не е само нејзина, туку е на сите и сака да ја изоди како народен трибун и да биде негов глас и повика на 24 април масовно да се излезе на гласање.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во своето обраќање истакна дека неговата партија е последното жарче на македонизмот и затоа нивната историска задача е многу поголема.

-Ни наметнаа лузерски менталитет, но ние никогаш не сме биле лузерски народ и затоа тоа што тие го претставуваат за победа, всушност е пораз, бидејќи изгубија од бугарска дупломатија, од грчка дипломатија и нема од кого не изгубија и сакајќи  да ни го наметнат тој менталитет ни го наметнуват „јенки вазалството“ како примарна догма и тој сервилен однос кон странците не доведе до „амбасадократија“, рече Апасиев.

На собирот се обрати и носителот на листата на Левица на четвртата изборна единица, Сашко Јанчев, кој рече дека оваа партија ќе се бори до крај против најголемата закана за струмичката котлина - Рудникот Иловица.

Претходно кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска, се обрати и на митинг во Радовиш. рт/лв/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан