• недела, 22 декември 2024

Важно е да ги престигнеме државите во некои поглавја од преговарачката рамка, порача вицепремиерот Маричиќ

Важно е да ги престигнеме државите во некои поглавја од преговарачката рамка, порача вицепремиерот Маричиќ

Скопје, 23 август 2023 (МИА) – Многу е поважно како да ги престигнеме државите во некои поглавја во новата методологија, отколку враќањето назад затоа што мислам дека нема да има основа ако тргнеме на тој пат, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ на прашањето како го толкува делот од преговарачката рамка во кој стои дека без разлика дали некое поглавје ќе биде затворено, доколку има назадување на процесите, тоа поглавје повторно ќе биде вратено.

Маричиќ посочи дека тоа што е во преговарачката рамка е методологија која што важи за сите. 

- Важи за нас, за Албанија, за Србија, за Црна Гора, за сите што во моментов преговараат. Јас очекувам дека на крајот на оваа година ќе се донесе одлука за преговори со Украина и Молдавија. Не би бил изненаден ако тоа се случи. Тоа значи дека ќе се дополнат уште две држави кои што ќе преговараат, рече вицепремиерот.

Според него, правилото воведено со новата методологија, дека некое поглавје може да биде вратено доколку има назадување, е направено врз основа на минатите научени лекции од преговорите со Романија, Бугарија и Хрватска, дека државите кандидатки може и по исполнување на одредени услови во одредена точка, да покажат назадување во подоцнежната фаза. 

-Тоа е целта на правилото, да има гаранција дека државите членки и Европската Комисија имаат механизам за оние држави што назадуваат во одредени поглавја на некој начин да ги вратат назад. Тој механизам е тежок за активирање. Треба да се согласи Комисијата и треба да се согласат две третини од членките, рече Маричиќ.

Но, според него, од тоа не треба да се плашиме доколку планираме да влеземе со целосна поддршка и целосни капацитети во евроинтеграцискот процес.

-Напротив, мислам дека треба да го гледаме како шанса. Бидејќи некои држави во регионот сигурно ќе имаат простор да се грижат за враќање назад, а ние треба да се грижиме како да го надоместиме загубеното време од 10 години кога Србија и Црна Гора веќе преговараат, рече вицепремиерот. ар/ев/

Фото/ МИА

 

Остани поврзан