• петок, 05 декември 2025

Вадефул: Германија е во контакт со Талибанците само на техничко ниво

Вадефул: Германија е во контакт со Талибанците само на техничко ниво

Виена, 10 јули 2-25 (МИА) – Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска се спротивстави на обновувањето на дипломатските врски со талибанските власти на Авганистан, иако новата германска влада ја навести можноста за контакт со режимот за да се олеснат депортациите.

Ова доаѓа откако германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринд, изјави дека сака да разговара со владејачките исламистички Талибанци, кои ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, за да ѝ овозможи на Германија да ги врати осудените криминалци.

Но, министерот за надворешни работи Вадефул, говорејќи за време на состанок со колегите од Австрија и Израел во Виена, инсистираше на тоа дека контактите на Германија со талибанските владетели се чисто од техничка природа и оти Берлин продолжува да одбива да ги признае Талибанците како официјална влада на земјата.

Тој додаде дека ова важи и за Министерството за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи Добринд неодамна за информативниот магазин „Фокус“ изјави дека е за директни разговори за олеснување на депортациите на осудените прекршители. „Сè уште се потребни трети страни за водење разговори со Авганистан. Ова не може да остане трајно решение“, рече тој. „Мојата идеја е дека треба директно да постигнеме договори со Авганистан за да овозможиме репатријации“.

Вадефул, од друга страна, ја истакна загриженоста во врска со хуманитарната состојба во Авганистан под Талибанците, особено за жените и девојчињата.

Германија ги суспендираше депортациите во Авганистан по преземањето на власта од страна на Талибанците, но по низата смртоносни напади извршени од мигранти во последните две години, вклучително и од авганистански граѓани, некои повикуваат на продолжување на депортациите.

Во август минатата година, 28 осудени криминалци беа депортирани во Авганистан преку Катар, што се окарактеризира како еднократен обид на претходната централно-лева администрација да ја олесни напнатата дебата за миграцијата, пренесе ДПА. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан