• недела, 22 декември 2024

Бундесбанк: Забраната за увоз на руски енергенси може да ја турне Германија во рецесија 

Бундесбанк: Забраната за увоз на руски енергенси може да ја турне Германија во рецесија 
Берлин, 22 април 2022 (МИА) - Целосната забрана за увоз на руски енергенси може да ја турне германската економија во рецесија, предупреди денеска Централната банка, истакнувајќи дека ќе биде особено тешко да се најде замена за рускиот гас. „Во сценарио кое предвидува засилување на кризата, реалниот бруто-домашен производ би паднал за нешто помалку од два отсто во споредба со 2021 година“, објави Бундесбанк во својот редовен месечен извештај. Особено би било тешко да се најде замена за гас, што би довело до прекини во снабдувањето. Рускиот гас сочинува повеќе од половина од германскиот увоз на тој енергенс. Последиците од прекинот на увозот би извршиле притисок врз германската економија во следните две години, иако падот нема да биде толку силен како во 2020 година, во екот на корона-кризата , велат од банката. Во 2020 година економијата падна за 4,6 отсто, а во 2021 година порасна за 2,9 отсто. Во првиот квартал од оваа година, активноста се чини дека стагнира, проценува Бундесбанк. „Сите резултати вклучуваат значително ниво на неизвесност“, додаваат тие. Меѓу факторите кои можат да му наштетат на стопанството го издвоија растот на цените на суровините со што индиректно би се намалиле приходите на домаќинствата. Значително би се намалила и надворешната побарувачка, а со тоа и германскиот извоз, се додава во извештајот на Бундесбанк. ссм/

Остани поврзан