• сабота, 23 ноември 2024

„Букинг“ доби обврска да нуди поголем избор на сместувачки капацитети на туристите 

„Букинг“ доби обврска да нуди поголем избор на сместувачки капацитети на туристите 

Брисел, 14 мај 2024 (МИА) - Европската комисија ја именува компанијата „Букинг“ за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари поради нејзината веб страница Букинг.ком, а во исто време реши да не им додели такви звања на „Икс“ и на „БајтДенс“ во однос на нивните платформи Икс Едс, односно ТикТак Едс. Дополнително, ЕК реши и да покрене пазарна истрага за утврдување дали платформата за социјална комуникација на „Икс“ ги исполнува условите за стекнување на ова звање. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одлуката за прогласување на „Букинг“ за „вратар“ е донесена врз основа на анализата која покажала дека нејзината платформа за резервирање објекти за сместување Букинг.ком претставува значајна врска меѓу бизнисите и потрошувачите во ЕУ и ги исполнува условите да го добие оваа звање врз основа на Законот за дигитални пазари (ДМА). 

Од друга страна, ЕК заклучи дека иако услугите за онлајн рекламирање Икс Едс на „Икс“ и ТикТок Едс на „БајтДенс“ според ДМА ги исполнуваат квантитативните услови за именување за „вратари“, сепак тие не претставуваат важна врска меѓу бизнис секторот и корисниците, поради што реши да не им додели вакви звања на нивните компании сопственици. 

Паралелно, Еврокомисијата започна пазарна истрага за понатамошна проценка на претходната одлука дека платформата Икс не ги исполнува условите врз основа на кои компанијата „Икс“ би била „вратар“. Имено, на 1 март ЕК реши дека платформата Икс ги исполнува квантитативните услови за доделување на „титулата“, но дека не се квалификува за неа како важна врска меѓу бизнисите и корисниците. Истрагата треба да заврши во рок од пет месеци. 

Во реакција на овие одлуки, извршната потпретседателка на Еврокомисијата за конкурентност, Маргрете Вестагер, оцени дека таа претставува „добра вест“, бидејќи туристите ќе имаат корист од поголем избор на сместувачки капацитети, а хотелите ќе имаат повеќе деловни можности.  

- Врз основа на нашата одлука, Букинг.ком се приклучува на листата на платформи кои треба да се придржуваат до основни услуги на правилата на ДМА, изјави Вестагер. 

„Букинг“ сега има рок од шест месеци да се усогласи со обврските утврдени со Законот на дигитални пазари и да им понуди поголем избор и слобода на крајните корисници и фер пристап на деловните корисници до услугите на Букинг.ком. 

Комисијата ќе го следи ефикасното спроведување и усогласување со овие обврски и во случај „Букинг“ да не ги почитува обврските утврдени со ДМА, може да и изрече казни до 10 отсто од вкупниот промет на компанијата на глобално ниво, а при повторување на прекршокот казната може да достигне и до 20 проценти. Во случај, пак, на систематски прекршоци, Комисијата има можност за преземање дополнителни правни лекови, кои вклучуваат и наредба на компанијата да го продаде својот бизнис или негови делови. 

Законот за дигитални пазари (ДМА) има за цел да обезбеди конкурентни и фер пазари во дигиталниот сектор со тоа што им поставува правила и обврски на големите дигитални платформи кои обезбедуваат важна врска меѓу деловните корисници и потрошувачите, со цел да се спречи создавање „тесни грла“ во дигиталната економија. 

Согласно ДМА, лани на 6 септември ЕК ги прогласи за „вратари“ компаниите „Алфабет“, „Амазон“, „БејтДенс“, „Епл“, „Мајкрософт“ и „Мета“ и тие мораа до 7 март годинава да се усогласат со законските правила. Дополнително, 29 минатиот месец, Комисијата дополнително го прогласи „Епл“ и за „вратар“ поради неговиот сајт за оперативни систем за таблети ајПадОС, кој има рок од шест месеци за усогласување со ДМА. 

За неусогласеност со правилата на ДМА, ЕК на 25 март започна истрага против „Алфабает“ за начинот на управување со „Гугл Плеј“ и за самонаметнување на „Гугл Срч“, против „Епл“ за управувањето со „Епл Стори“ и „Сафари“, како и против „Мета“ заради моделот на плаќања. сп/

Фото: МИА

Остани поврзан