• среда, 04 февруари 2026

Бузалковски со нов европски медал во брзинскиот моторциклизам

Бузалковски со нов европски медал во брзинскиот моторциклизам

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) – Македонскиот мотоциклист, Христијан Бузалковски, ја продолжи низата на врвни меѓународни успеси, освојувајќи втор бронзен медал на престижниот ФИМ Европски шампионат во брзински мотоциклизам. 

- Изминатата година конкуренцијата беше на значително повисоко ниво, па борбата за првите три места беше исклучително неизвесна и се одлучуваше во стотинки. Затоа сум многу среќен што повторно медалот и пехарот доаѓаат во нашата земја, како доказ дека трудот секогаш се исплати. Пред мене е тешка мисија да го подобрам овој успех во сезоната 2026, но како и досега, секогаш се стремам кон уште подобри резултати, изјави Бузалковски.

Сезоната 2025 се вбројува меѓу најуспешните во неговата кариера, но и во историјата на македонскиот мотоциклизам. Со повторување на резултатот од 2023 година, учество и успешно завршување на ФИМ Светскиот ендуранс шампионат на легендарната патека Ле Ман, како и освојување на вицешампионската титула во БМУ Европскиот шампионат во професионалната класа СТК1000, со пет победи од осум настапи, тој уште еднаш докажа дека епитетот најуспешен македонски мотоциклист е целосно заслужен.

Бузалковски и неговиот тим со оптимизам и високи амбиции ја започнуваат новата сезона, со желба 2026 година да биде уште една успешна и победничка. зс/

 

Остани поврзан