• сабота, 23 ноември 2024

Бројот на пожари во 2021 година во Скопје во рамки на просекот, во август рекорден број интервенции за еден ден

Бројот на пожари во 2021 година во Скопје во рамки на просекот, во август рекорден број интервенции за еден ден
Скопје, 2 јануари 2022 (МИА) - Над 1200 пожари имало минатата година на територија на Скопје што е приближно како и во 2020 година. Сепак, 2021 година ќе остане запаметена по рекордниот број интервенции на скопските пожарникари на 5 август кога се регистрирани 22 интервенции во еден ден. Од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје велат дека вкупниот број интервенции во текот на годината не отстапува од просекот, но посочуваат дека само за два месеца од 15 јули до 15 август имале 333 интервенции. - Според статистиките што ги гледаме како бројки, го задржуваме просекот на сите типови интервенции. Оваа година во период од 15.07.2021 до 15.09.2021, за само два месеца, Бригадата за противпожарна заштита-Скопје имаше 333 интервенции на територија на град Скопје и кога на сето тоа ќе ја додадете помошта што ја дадовме во Старо Нагоричане, Кочани, Пехчево, Делчево, Крива Паланка и Тетово, тогаш можам да кажам дека со овој капацитет што го имаме и со сите проблеми со кои се соочивме, ја заокруживме годината како успешна со целосен респект кон комплетната Бригада, истакнува командантот на ТППЕ Владимир Симоновски во изјава за МИА. Покрај гаснењето на пожари, скопските пожарникари интервенирале и во 140-150 сообраќајни незгоди, што е исто така во рамки на просекот, а дел од нивните активности изминатата година биле и спасување на лица заглавени во лифт и спасување на домашни миленици. Проблем и понатаму останува недоволната екипираност и опрема чија просечна старост е 31 година. Минатата година, скопските пожарникари добија мултифункционална скала, а единицата е доопремена и со специјална опрема за сообраќајни несреќи, опрема за стабилизирање на рушевини како последици од земјотрес и опрема за шумски пожари. - Работиме со 47 проценти исполнетост на Бригадата и успешно се справуваме со сите предизвици со кои се соочуваме. Процесите на пензионирање не можете да ги запрете или како командант да не дозволите во пензија да заминат професионалци со долгогодишно искуство со голем број на интервенции, вели Симоновски. Во 99 проценти од случаите на пожари, како причина се посочува човечкиот фактор. Она што треба да се направи кога станува збор за пожарите на отворено, според пожарникарите, е да се подигне свеста и одговорноста на граѓаните кога се движат во шумски предели, да се зголемат казните за предизвикувачите на пожар и да се применат законските одредби за забрана за користење на опожарени дрва. За намалување на пожарите на затворено, препораката е внимателно да се ракува со електричните апарати и да се внимава на исправноста на електричната инсталација. Особена внимателност препорачуваат за време на новогодишните и божиќните празници кога опасноста од предизвикување пожар е голема. -  Сите сакаме да ги збогатиме овие празници со елка украсена со светилки и со останати реквизити кои  го красат амбиентот на домовите или работните простории, но сепак опасноста од предизвикување пожар е голема поради сите овие материјали кои се лесно запаливи и за кратко време може да предизвикаат големи материјални загуби или несакани последици. Препорачуваме секогаш кога граѓаните се отсутни од дома или не се во канцеларија, да ги гасат сите електрични уреди кои се на елката или во нејзина близина бидејќи се повеќе гледаме слики како елката се остава со вклучени сијалички повеќе денови, а сопствениците не се дома, појаснува Симоновски. бак/ац/

Остани поврзан