• петок, 22 ноември 2024

Британски вицепремиер: Не е точно дека Британија е неподготвена за конфликт

Британски вицепремиер: Не е точно дека Британија е неподготвена за конфликт

Лондон, 8 април 2024 (МИА) -  Поранешните претставници на одбраната на Велика Британија грешат кога велат дека земјата не е подготвена за војна, изјави британскиот вицепремиер Оливер Дауден.

- Светот се повеќе станува поопасно место. Свесни сме за комбинации на непријателски држави, вклучувајќи ги Русија, Иран, Северна Кореја и Кина. Треба да преземеме акција во тие области. Се разбира, секогаш може да се направи повеќе, но мислам дека правиме добар напредок против зголемените закани, рече Дауден, коментирајќи ги наводите на поранешните високи функционери дека Британија не е подготвена за евентуална војна.

Дауден истакна дека се согласува со оценките дека Британија е во „најнепријателската средина“ од крајот на Студената војна.

- Гледаме дека се зголемуваат заканите за низа работи, не само во конвенционалните вооружени сили, туку и во кибер безбедноста, економската безбедност, каде што премиерот го формираше Комитетот за економска безбедност при Советот за национална безбедност, со кој јас претседавам, посочи Дауден.

Поранешниот министер за вооружени сили на Британија, Џејмс Хепи, изјави дека земјата не успеала да се подготви за „војна како потфат на целата нација“, со оценка дека нема планови како би функционирала земјата во услови на можен конфликт.

- Војната е потфат на цела нација и, да бидам искрен, многу доцниме во Велика Британија, рече Хепи, истакнувајќи дека има делови од владата кои сериозно не размислувале за функционирањето на земјата во услови на војна.

Доскорешниот министер за одбрана Бен Волас смета дека има „премногу луѓе во владата кои се потпираат на надежта дека сегашната нестабилност во светот ќе исчезне“ и додаде дека е време да се „исчисти прашината“ од прирачниците од ерата на Студената војна што укажуваат како да се управува со Британија во воени услови.

Тој го повтори повикот до Владата сериозно да се подготви, велејќи дека зголемената нестабилност во светот значи дека целата земја мора да направи чекор кон препознавање на основната должност - да се размислува за одбрана. ссм/

фото: пиксабеј

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан