• понеделник, 23 декември 2024

Британскиот парламент предупреди на можноста за странско мешање пред изборите во јули

Британскиот парламент предупреди на можноста за странско мешање пред изборите во јули

Лондон, 24 мај 2024 (МИА) - Комитетот за национална безбедност на британскиот Парламент денеска го предупреди премиерот Риши Сунак за опасноста од странско мешање преку кибер напади или кампањи за дезинформации пред парламентарните избори на 4 јули и повика на мерки за заштита.

Маргарет Бекет, претседателката на тој комитет, во објавеното писмо споменува обиди за мешање на Кина, Русија, Иран и Северна Кореја.

Таа потсети на заклучоците на безбедносните служби, кои оценија дека е „речиси сигурно“ дека Русија во 2019 година се обидела да влијае на парламентарните избори и дека Кина се обидува да влијае на изборите во светот.

„Сметаме дека Велика Британија мора да биде подготвена за можност од странско мешање за време на парламентарните избори на 4 јули“, напиша Бекет и ја повика Владата да ги собере политичките партии, безбедносните служби и одговорните за организацијата на изборите за да се усвојат мерки за заштита.

Некои експерти сметаат дека пред британските парламентарни избори и американските претседателски избори во ноември, ризикот е особено висок поради развојот на вештачката интелигенција и дезинформациите. 

Бекет, министерка за надворешни работи во време на лабуристичката влада на Тони Блер, смета дека мешањето може да биде во форма на кибер напади, уцени, онлајн дезинформации, „длабоки фалсификати“ и обиди да се продлабочат поделбите околу контроверзните теми.

Таа препорача подобра обука на заедницата за да се идентификуваат дезинформациите и да се обезбеди безбедноста на службениците.

Во Велика Британија во последните недели имаше неколку случаи на шпионажа во кои биле вклучени Кина или Русија. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан