• понеделник, 23 декември 2024

Британска енергетска компанија препорача потрошувачите да се греат до домашните миленици, па се извини

Британска енергетска компанија препорача потрошувачите да се греат до домашните миленици, па се извини
Лондон, 13 jaнуари 2022 (МИА) - Третиот по големина британски снабдувач со енергија се извини откако „ги советуваше“ своите корисници „да ги гушкаат миленичињата“ за да се загреат и да заштедат на сметките. Оваа недела, „Ово енерџи“ (Ovo Energy) им испрати на своите клиенти список со десет „лесни и економични начини“ како да се стоплат оваа зима. Покрај гушкањето со миленичињата, на корисниците им се советуваше да ги предизвикуваат децата на натпревар во хула-хоп, да прават разни вежби, па и да ги исчистат своите домови. Сето ова, во време кога се очекува раст на цените на енергијата и животните трошоци во Велика Британија. Според некои прогнози, сметките за гас и струја може да се зголемат за повеќе од 50 отсто за милиони домаќинства во април. Дарен Џонс, член на британскиот Парламент и претседател на Комитетот за бизнис, енергија и индустриска стратегија, советот го нарече навредлив и ја повика компанијата да се извини. „Не знам баш кој ја одобри маркетинг-кампањата која ги советува луѓето дека ако не можат да си дозволат греење, треба да носат џемпери и да јадат каша“, напиша Џонс подоцна на Твитер. Компанијата во меѓувреме се извини за содржината, нарекувајќи ја „лоша проценка“. „Разбираме колку тешка ќе биде ситуацијата за многу наши корисници оваа година. Се обидуваме да најдеме битни решенија за пристапот кон оваа енергетска криза. Непријатно ни е и искрено се извинуваме“, соопштија тие за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).  си/ссм/

Остани поврзан