• понеделник, 23 декември 2024

Брегу: Прв пат по осум години поддршката на Западен Балкан за членство во ЕУ опаѓа

Брегу: Прв пат по осум години поддршката на Западен Балкан за членство во ЕУ опаѓа
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Поддршката на граѓаните на Западен Балкан за членство во Европската унија за прв пат по осум години бележи пад од два проценти, додека регионалната соработка се уште високо се цени, изјави Генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, зборувајќи на панел на Конгресот на Европската народна партија во Ротердам, на кој се расправаше и за Западен Балкан. -Трговијата со стоки меѓу Западен Балкан со Русија и Украина изнесува 6,5 отсто, а најголем трговски партнер и инвеститор во регионот е Европската унија. Сепак, по прв пат за осум изданија на Балкан барометар, сега имаме негативен тренд на поддршка на интеграцијата во Европскта унија, односно само 60 отсто од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека членството во ЕУ е добро, додека минатата година оваа бројка изнесуваше 62 отсто. Во таа смисла се гледа и порастот на песимизмот на граѓаните кои не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ. Лани околу 22 отсто од испитаниците не верувале во тоа, а годинава околу 28 отсто се изјасниле негативно, вели Брегу, се вели во соопштението од РСС. Регионалната соработка и натаму се цени добро. Според последните истражувања на Балкан барометар за 2022 година, 76 отсто од граѓаните веруваат дека регионална соработка може да придонесе за подобра политичка, економска и безбедносна состојба во нивната земја. Брегу предупреди дека спојот на негативни ризици од војната, зголемувањето на цените на храната и енергијата, инфлацијата, ескалирање на тензии за време на избори или одложување на отворањето пристапни преговори кон ЕУ, може да создаде толку голем број ризици, што ќе го направи теренот идеален да се вкоренат економскиот и политичкиот национализам. аа/са/

Остани поврзан