• недела, 22 декември 2024

Бочварски: Инвестираме 1 милион евра во нов видео надзор на сите гранични премини за поефикасен транспорт

Бочварски: Инвестираме 1 милион евра во нов видео надзор на сите гранични премини за поефикасен транспорт

Дојран, 5 март 2024 (МИА) - Инвестиравме околу 1 милион евра за набавка и инсталација на нов видео надзор на сите гранични премини во државата за да постигнеме поефикасен транспорт и подобрување на работата на Царинската управа и Граничната полиција, истакна денеска министерот за транспорт и врски во техничката Влада, Благој Бочварски од граничниот премин Дојран, каде со директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, извршија увид во новиот видео систем.

Како што беше кажано, системот за видео надзор опфаќа 350 различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблички и централен систем за складирање на податоците и истиот се инсталира на сите гранични премини во државата.

-Еве денеска од Дојран ја увидовме неговата ефикасност во насока на подобрување на работата на Граничниот премин. Веќе со Царинската управа работиме и на креирање на платформата за Национален едношалтерски систем, софтвер кој треба да поврзе 16 институции за давање на електронски услуги на економските операторите. Проценетата вредност на овој проект е 4,5 милиони евра. Средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски исто така во рамки на проектот за Олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан, изјави министерот Бочварски.

Тој истакна дека преку Министерството за транспорт и врски се работи на воведување и на Интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, а во втора фаза и на Коридорот 8.

Претходно, министерот Бочварски и директорот Богоев во Скопје во Дежурниот царински центар на Царинската управа извршија увидна воспоставениот централизиран видео надзор.

-Ветив нула толеранција за криминалот и корупцијата. Ова се овозможува само со конкретни проекти кои трајно ќе го искоренат криминалот. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возилото влегло во државата и како се движело низ граничните премини во одреден период, но исто така алармира доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Сите информации се внесуваат во податочен склад при што доколку понатаму е потребно да се извади статистика за движењето на одредено возило за кое на пример има потерница, истите информации ни се достапни веднаш, изјави директорот Богоев. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан