• недела, 22 декември 2024

Борисов ги продолжува преговорите за состав на нова бугарска влада

Борисов ги продолжува преговорите за состав на нова бугарска влада

Софија, 12 ноември 2024 (МИА) -  ГЕРБ-СДС (двопартиска политичка коалиција од Бугарија меѓу ГЕРБ и Унијата на демократски сили, предводена од Бојко Борисов) утре ќе започне разговори за разгледување на заеднички политички активности во рамките на 51-от состав на Парламентот, соопшти прес-центарот на ГЕРБ.

Преговарачкиот тим на победничката политичка партија на изминатите избори ќе го води нејзиниот претседател Бојко Борисов, а во него ќе учествуваат и Раја Назарјан, Томислав Дончев и Росен Желјазков, пренесува БТА.

Првите разговори ќе се одржат во Народното собрание, со почеток од 8:30 часот со „БСП - Обединета левица“, а во 9:30 часот се предвидени разговори со „Има таков народ“.

Вчера, пред почетокот на првото заседание на парламентот, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, предложи формирање четворострана коалиција меѓу водечката политичка сила, „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, „БСП-Обединета левица“ и „Има таков народ“.

Тој исто така објави дека ќе биде кандидат за премиер и дека нема да отстапи.

Во исто време, Борисов изјави дека новата коалициска влада може да се формира без „ДПС-Нов почеток“, „Сојуз за права и слободи““, „Преродба“ и МЕЧ. ссм/

фото: архива

Остани поврзан