• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Русија да продолжи да ги почитува одредбите на Договорот за забрана на нуклеарни проби 

Борел: Русија да продолжи да ги почитува одредбите на Договорот за забрана на нуклеарни проби 

Брисел, 2 ноември 2023 (МИА) - Европската Унија изразува жалење поради денешното потпишување на одлуката за повлекување на руската ратификација на Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарни проби, кое доаѓа во време на илегална агресивна војна на Русија против Украина и по неколкумесечната неодговорна реторика и закани за продолжување на нуклеарните тестови, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Сите земји членки на ЕУ го ратификуваа Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарни проби и долги години работат на негово зајакнување и стапување во сила. Договорот е инструмент од клучно значење за нуклеарното разоружување и неширење атомското оружје и воспостави моќна норма против нуклеарно тестирање што се почитува во целиот свет, наведе Борел во писмената изјава. 

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, од клучно значење за меѓународните мир и безбедност е сите држави целосно да го почитуваат мораториумот за тестирање на нуклеарно оружје и да се воздржат од какви било активности, кои се спротивност со целите и одредбите на Договорот. 

- Организацијата за Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарни проби (ЦТБТО) менаџира со уникатен глобален систем за следење, кој може да открие експлозија на нуклеарен тест во секое време и на кое било место, обезбедувајќи и на меѓународната заедница веродостојни, сигурни и независни докази за почитување на нормите против нуклеарното тестирање, додава Борел. 

Тој потсетува дека во 2021 година Договорот го ратификуваа уште осум земји, со што вкупната бројка на држави во кои се извршена негова ратификација достигна 178, но тој се уште не е стапен во сила затоа што не е ратификуван од осум од 44-те оригинални земји потписнички. 

Според Борел, „неоправданата одлука“ на Русија да ја отповика својата ратификација на Договорот претставува сериозно назадување на нејзината посветеност кон меѓународната безбедносна архитектура и поткопување на тековните напори за неширење на нуклеарното оружје и нуклеарно разоружување. 

- Европската Унија ја повикува Русија да продолжи да ги почитува целите и одредбите на Договорот. Како држава потписничка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, Русија се обврза да работи на стапување во сила на Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарните проби. Русија се обврза да го промовира Договорот на највисоко политичко ниво и преку сите достапни билатерални и мултилатерални канали. Оваа последна одлука е голем чекор назад од овие заложби, што е уште полошо поради статусот на Русија како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, посочува Борел. 

Тој додава дека ЕУ и натаму да ги повикува сите држави кои се уште не го ратификувале Договорот, посебно земјите оригинални потписнички, да го сторат тоа без предуслови или дополнително одлагање.

- Европската Унија останува целосно посветена на промовирање на стапувањето во сила и „универзализација“ на Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарните проби и на остварување на неговите цели за свет без нуклеарни тестирања, додава Борел во писмената изјава. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан