• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Наргес Мохамади е инспирација за оние кои веруваат дека човековите права се темел на мирни и демократски општества 

Борел: Наргес Мохамади е инспирација за оние кои веруваат дека човековите права се темел на мирни и демократски општества 

Брисел, 8 октомври 2023 (МИА) - Европската Унија ја поздравува одлуката овогодишната Нобелова награда за мир да се додели на Наргес Мохамади за „нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и за промовирање на човековите права и слобода за сите“, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Како истакната иранска активистка за човекови права и членка на иранската невладина организација „Центар за човекови права“, Наргес Мохамади отсекогаш се бореше за правата на жените, за укинување на смртната казна и подобрување на условите во затворите во Иран, наведува Борел во изјавата по повод доделувањето на Нобеловата награда за мир на Мохамеди. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, високиот претставник на ЕУ нагласува дека иако Мохамеди во моментов издржува 12-годишна затворска казна во Иран, таа никогаш не престанала да го користи својот глас за да го заштити човечкото достоинство и правата на Иранците, дури и од нејзината затворска ќелија.  

- Таа е инспирација за сите оние кои веруваат дека човековите права се темел на мирни и демократски општества. ЕУ ќе продолжи да се залага за почитување на човековите права во Иран и на други места и за слободата на сите оние кои, како самите нив, се неправедно притворени, додава Борел во изјавата. 

Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека одлучила да и ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите.  

Како што истакна директорката на норвешкиот Нобелов комитет Берит Реис-Андерсен, со овогодишната наградата, исто така, им се оддава признание на стотиците илјади луѓе кои протестираа против дискриминацијата и угнетувањето на жените во Иран. 0 

- Само со прифаќање на еднакви права за сите светот може да постигне братство меѓу народите што Алфред Нобел се обиде да го промовира, истакна Реис-Андерсен. 

Мохамади во моментов отслужува повеќекратни затворски казни со вкупна должина од 12 години во затворот Евин во Техеран. Таа неколку пати беше осудувана поради кампањата против смртната казна, а во неколку наврати беше затворена и во самица.

Моментно, Мохамади ја отслужува казната од 10 години и 9 месеци затвор под обвинение за „дела против националната безбедност и пропаганда против државата“. Таа беше осудена и на 154 удари со камшик, но оваа казна најверојатно до сега не е извршена. Нејзе и е забрането да ја напушта државата. 

Мохамади е заменик-директорка на невладината организација Центар за човекови права, основана од добитничката на Нобеловата награда за мир во 2003 година, Ширин Ебади. 

Церемонијата на врачување на Нобеловата награда за мир, вредна 11 милиони шведски круни (околу 950.000 евра), ќе се одржи во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ја основал наградата во 1895 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан