• петок, 22 ноември 2024

Борел: Изборите во Русија се одржаа под зголемена репресија и со ограничен пристап до информации

Борел: Изборите во Русија се одржаа под зголемена репресија и со ограничен пристап до информации

Брисел, 18 март 2024 (МИА) - Претседателските избори што ги организираше Русија од 15 до 17 март се одржаа во многу рестриктивен амбиент, влошено и од илегалната агресија врз Украина, при што руските власти продолжија да ја зголемуваат систематската внатрешна репресија со сузбивање на опозициските политичари, граѓанските организации, независните медиуми и другите критички гласови со користење на репресивно законодавство и политички мотивирани затворски казни, наведува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во писмена изјава во врска со руските претседателски избори  

- Шокантната смрт на опозицискиот политичар Алексеј Навални во пресрет на изборите е уште еден знак за забрзана и систематска репресија. Изборите се одржаа во политички простор кој постојано се стеснува, што резултираше со алармантно зголемување на кршењето на граѓанските и политичките права и спречи многу кандидати да се кандидираат, вклучително и сите оние кои се противат на илегалната војна за агресија на Русија, ги лиши руските гласачи од вистински избор и силно го ограничен нивниот пристап до точни информации. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува важната работа на руските граѓански организации, бранителите на човековите права и независните медиуми, наведува Борел. 

Тој натаму потенцира дека ЕУ изразува жалење поради одлуката на руските власти да не поканат набљудувачи на изборите од ОБСЕ/ОДИХР, што, според него, е во спротивност на руските обврски кон Организацијата и ги ускрати на руските гласачи и институции од непристрасна и независна проценка на овие избори. 

- Понатаму, Европската Унија силно го осудува незаконското одржување на т.н. „избори“ на териториите на Украина кои Русија привремено ги окупираше: Автономна Република Крим и градот Севастопол, како и во делови од регионите на Донецк, Луганск, Запорожје и Керсон. Т.н. „избори“ на овие територии претставуваат уште едно очигледно кршење на меѓународното право од страна на Русија, вклучително и Повелбата на ОН, како и на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, наведува Борел. 

Високиот претставник на ЕУ нагласува и дека Унијата ја повикува Русија да ги почитува меѓународно признатите граници и суверенитет на Украина, потврдени и со двете резолуции на ОН од 12 октомври 2022 година и 27 март 2014 година. 

- Европската Унија повторува дека не го признава и никогаш нема да го признае одржувањето на овие т.н. „избори“ на териториите на Украина, ниту нивните резултати. Тие се ништовни и не можат да произведат никакво правно дејство. Политичкото раководство на Русија и оние кои се вклучени во нивното организирање ќе се соочат со последиците од овие незаконски дејствија, потенцира Борел. 

Тој нагласува и дека ЕУ ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.  

- Русија мора да ја прекине својата нелегална агресивна војна против Украина и веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите вооружени сили и опрема од целата украинска територија, додава Борел во писмената изјава по повод претседателските избори во Русија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан