Борел: ЕУ се обидува да избегне да стане зависна од Кина како што беше од рускиот гас
- Европската Унија се обидува да избегне да стане зависна од Кина како што беше од рускиот гас, изјави шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
Брисел, 26 март 2023 (МИА) - Европската Унија се обидува да избегне да стане зависна од Кина како што беше од рускиот гас, изјави шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
„Видовме дека таквите зависности, кои беа елементи на мирот, се и оружје што може да се сврти против нас“, рече синоќа Борел, посочувајќи на „преголемата зависност на Европа од рускиот гас“.
Според него, бидејќи Европа била зависна од рускиот гас, рускиот претседател Владимир Путин мислел дека може целосно неказнето да ја нападне Украина, без Европа да реагира.
„Сакаме да избегнеме да станеме зависни од Кина како што бевме од Русија“, рече Борел на Иберо-американскиот самит во Доминиканската Република, каде се среќаваат претставници од шпанско-португалскиот говорен простор.
Шефот на европската дипломатија ја гледа 2023 година како „клучна година“ за склучување договори на други места, особено со Латинска Америка, пред самитот на ЕУ и Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите во средината на јули. ссм/
фото: принтскрин