• сабота, 22 јуни 2024

Бомбашкиот напад во Цетиње е црвена линија, тврди директорот на црногорската полиција

Бомбашкиот напад во Цетиње е црвена линија, тврди директорот на црногорската полиција

Подгорица, 20 јуни 2024 (МИА) - Директорот на Полициската управа Александар Радовиќ изјави дека разузнавачките податоци веќе подолго време говорат дека пресметката на криминалните групи е во тек и дека се очекувало дека може да има бомбашки напад како денешниот во Цетиње.

„За жал, тоа се оствари“, рече тој на вонредната прес-конференција по повод експлозијата утрината во Цетиње, во која две лица загинаа, а три се тешко повредени.

Две лица загинаа, а едно е тешко повредено откако автомобил-бомба експлодираше во близина на Спортскиот центар во Цетиње, изјави лекарот Предраг Милошевиќ, пренесуваат локалните медиуми.

Двајца од повредените се префрлени во Подгорица на натамошни прегледи во стабилна состојба.

Во бомбашкиот напад загинаа Петар Далуѓеровиќ и Драган Рогановиќ.

Тешко повредениот Тас Јовановиќ се бори за живот во болница.

Ја разбира, како што рече полицискиот директор, вознемиреноста на граѓаните, особено кога има случајни жртви.

„Ова е црвена линија. Црна Гора не смее да си дозволи никакви случајни жртви. Ние сме должни да се спротивставиме на секој облик на насилство и криминал. Борбата против криминалот мора да биде приоритет. Нема да биде лесно, но земјата ќе победи. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите носители на одлуката, како во Владата, така и во пратениците, да го дадат својот конкретен и максимален придонес“, рече Радовиќ.

Тој потврди дека жртвите биле поврзани со криминални кланови. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан