• сабота, 23 ноември 2024

Болничарката со конго-кримска хеморагична треска прими прва доза „рибавирин“

Болничарката со конго-кримска хеморагична треска прими прва доза „рибавирин“

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - Болничарката со конго-кримска хеморагична треска прими прва доза „рибавирин“, информираа денеска во изјава за медиуми од Инфективната клиника.

Започната е терапијата, ќе се дава и наредните четири дена.

- За жал, првата пациентка од штипското село беше дијагностицирана и почината во неколку часа. Значи, не можела да биде спасена дури и да имаше лек до нас. Второто прашање, многу значајно за сите, многу често го слушам, е зошто нашата држава го немала овој лек и зошто купуваме лекови или наоѓаме лекови откога ќе се случат работите. Ова можете да го потврдите и како информација во секоја една од поголемите здравствени организации. Ниту една држава нема ваков тип на лек во залиха. Ниту една. Лекарите, организациите кои работат во решавањето на овие големи или помали епидемии на конго-кримска и други хеморагични трески во ендемските подрачја ги имаат и на ваков начин помагаат кога ќе се јават спорадични случаи како што е нашиот, појасни директорката Милена Стевановиќ.  

Во комуникација со колеги инфектолози во целиот регион веднаш по првата информација дека имаме инфекција на конго-кримска хеморагична треска, барале консултации, барале искуства и барале лек.

- Што се однесува на нашата колешка вработена на Клиниката за инфективни болести, таа е стабилна. Влегува во фазата во која се очекува појава на крварење, таканаречена хеморагична фаза. Ноќеска за првпат е забележано лесно, но, е забележано крварење кое се гледа само на избришок од хартија, не е тоа нешто масовна. Меѓутоа, тоа е веќе еден знак за кој треба да видиме под сериозен алерт. Ние пациентката ја гледаме под лупа како со анализите, така и со клиничкото следење. Денешниот конзилиум на колегите на Инфективната клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот „рибавирин“ кој е донесен во нашата држава. Како ќе се развиваат работите, дали требало порано – не ни требало порано. Се држиме до искуството на оние кои имале највеќе прегледани и лекувани пациенти во светот, не само во регионот, не само на локално ниво – во светот. И сметаме дека сме на добар пат и правиме исправно со секој преземен чекор во смисла на лекувањето на пациентката, појасни Стевановиќ.

Таа беше прашана дали и покрај овој лек, може да дојде до смртен случај.

- За жал, ниту искуствено, ниту напишано во медицинската литература и научни трудови преку кои ние ги искажуваме нашите клинички искуства не е никаде срочено, ниту преку проценти е некако изразено колкав е бенефитот, односно со колкав процент е преживувањето на третманот на овие пациенти се зголемува со давањето на лекот. Ниту еден колега, ниту напишан труд не го цитира и не го кажува. Целта е да се помогне, да се пренапрегне пред кризните моменти во развојот на болеста и со се она што е на располагање како искуство да го спроведеме, а дали тоа ќе биде со висок ефект ние тоа не можеме да го кажеме. „Рибавиринот“ е антивирусен лек и целта е да се спречи размножувањето на вирусот, да се намали неговата моќ, наједноставно кажано. Овој лек ние порано сме го имале, и сме лекувале хроничен хепатит ц како составен дел на терапијата со интеферони. Го немаме повеќе затоа што третманот на хепатит ц веќе одамна е комплетно променет и таквиот третман е исклучен од употреба, одговори Стевановиќ.

Прашана дали може да настанат компликации од овој лек, таа одговори дека станува збор за несакани ефекти. Вели дека би можело да има и несакани ефекти и заради тоа во конзилијарното делување во лекувањето на пациентката во континуитет е вклучен и трансфузиолог и хематолог. 

Претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече за МИА дека Комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.

Не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска, подвлече тој и додаде дека не очекуваат да има повеќе случаи во блиска иднина.

Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан