• вторник, 13 јануари 2026

Божиќен оброк на солидарност од општина Атина за бездомни лица и граѓани од ранливи категории

Божиќен оброк на солидарност од општина Атина за бездомни лица и граѓани од ранливи категории

Атина, 25 декември 2025 (МИА) – Традиционалниот божиќен оброк на солидарност и љубов со 1.300 порции празнични оброци за бездомните лица и граѓаните од ранливи категории и оваа година го организираше општина Атина преку Центарот за прием и солидарност, а атинскиот градоначалник Харис Дукас посочи дека „во градот никој не е сам“, јави дописничката на МИА од Атина.

Божиќниот оброк на солидарноста и овој пат, како и секоја година на Божиќ наутро, се одржа во спортската сала, во присуство на градоначалникот, а од општинскиот центар за прием и солидарност се погрижиле да бидат вклучени сите лица згрижени во градските установи како и оние кои живеат на улица, при што бил обезбеден и превоз, но и музичка програма со диџеј.

Атинскиот градоначалник посочи дека „Атина е и ќе остане град на човечност, грижа и солидарност“.

- Божиќ нè потсетува дека некои наши сограѓани немаат можност да уживаат во она што многумина од нас го сметаат за нормално: топол оброк и пријателски муабет. Денеска, со оброкот на љубовта што го понудивме на 1.300 бездомни и економски ранливи граѓани, уште еднаш ја претвораме во дело нашата заложба дека никој не останува сам во нашиот град. Никој не е невидлив, посочи Дукас.

Објасни дека општина Атина систематски работи на заштитата и зачувувањето на достоинството на бездомните лица, секојдневно обезбедувајќи храна за 800 лица, а околу 1.400 луѓе кои живеат на улица активно се опслужуваат од тимовите за улична социјална работа (Street Work).

За време на празничниот период Центарот за прием и солидарност на општина Атина ќе понуди над 2.600 оброци на солидарност и љубов спонзорирани од Лидл Грција, од кои половина беа поделени денеска, а останатите во следните денови во центрите за бездомни лица. ср/јт/

Фото: Општина Атина

Остани поврзан