• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Божиновска на ЕСГ Адриа самитот во Тиват: Зелената транзиција мора да биде праведна

Божиновска на ЕСГ Адриа самитот во Тиват: Зелената транзиција мора да биде праведна

Скопје, 9 април 2025 (МИА) - Од првиот ден на нашата влада, фокусот е на развој на енергетската инфраструктура што ќе обезбеди долгорочна стабилност, одржливост и економски напредок. Нашата стратегија се заснова на паралелен развој на државната енергетска инфраструктура и поттикнување на приватните инвестиции во обновливи извори на енергија, порачала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на ЕСГ Адриа самитот во Тиват. 

Во својот настап на панелот „Мобилизирање на капитал за зелени проекти“, како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, детално ги презентирала напорите на земјава во процесот на зелена транзиција и нагласи дека со поддршка на ЕБРД, активно работиме на воведување на иновативни финансиски механизми како Contract-for-Difference, кои ќе ги намалат ризиците за инвеститорите. 

-Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи за да постигнеме 38 отсто удел на обновливите извори до 2030 година. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции, истакнала Божиновска.

Посебно ги нагласила клучните проекти како модернизацијата на РЕК Битола, изградбата на нови соларни и ветерни централи, како и развојот на когенеративни централи како преодно решение. Нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка, таа посочила дека земјава активно работи на изградба на нови интерконекции со соседните земји. 

-Ова ќе овозможи поголема стабилност на енергетскиот систем и ќе отвори нови можности за трговија со чиста енергија, објаснила Божиновска.

На панелот, како што информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), учествувале и високи претставници на ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација и водечки компании во областа на обновливата енергија. Дискусиите ја истакнале потребата од појасни регулативи, поголема транспарентност и посилна регионална координација за успешна имплементација на зелените проекти.

Престижниот ЕСГ Адриа самит 2025 во Тиват, на кој присуствуваат над 700 водечки експерти, претприемачи и политичари од регионот, се одржа под покровителство на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ. Оваа година, настанот посебно се фокусираше на практичните решенија за забрзување на зелената транзиција, со акцент на иновативните финансиски модели и јавно-приватното партнерство.вј/цр

Фото: МЕРМС

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан