• петок, 22 ноември 2024

Божиновска: За две недели би требало да бидат исплатени средствата за инвертер климите

Божиновска: За две недели би требало да бидат исплатени средствата за инвертер климите

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) – Најдоцна за две недели ќе почне доделувањето на ваучери за набавка на инвертер клима уреди за граѓаните, проект што го почна старата влада, потврди денеска министерката за енергетика Сања Божиновска.

- Средствата за инвертер климите би требало да бидат исплатени за две недели, бидејќи тие првенствено беа во Министерството за економија, меѓутоа со поделбата мораше да се направи делбен биланс, мораше да се префрлат со буџетот и со новиот ребаланс во новото Министерство. Тоа мораше да помине низ законодавство, потоа оди на Генерален секретаријат и потоа на Влада. Се надевам дека ќе бидат исплатени најдоцна за две недели, рече Божиновска во одговор на новинарско прашање на отчетот за 100 дена Влада.

Вети дека ќе се заложат во пресрет на грејната сезона да има доволно енергенси во државата.

- Ќе се потрудиме се да направиме граѓаните да спијат мирно и да имаат греење и да има енергенси. Сезоната ќе почне и тука нема да има проблеми, а следната недела ќе го видиме енергетскиот биланс и ќе видиме што е потребно за да се набави сега со време да не купуваме однапред недела или две бидејќи тогаш се поскапи енергенсите, посочи Божиновска.

Прашана дали добиле одговор на дописот што го испратија заедно со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до Енергетската заедница (ЕЗ) дека земјите од ЈИЕ плаќаат повисоки цени за електричната енергија отколку другите држави во Европа, рече дека за тоа ќе дискутираат во декември во ЕЗ. 

- Ќе дискутираме во декември во Енергетската заедница, тогаш ќе имаме состанок. Следната недела планирам со претседателот на РКЕ да се сретнеме и да дискутираме на оваа тема, а секако ќе контактираме и со останатите држави кои пратија дописи. Се надевам дека ќе имаме слух од Енергетската заедница во Виена и со господин Лорковски ќе дискутираме, меѓутоа таму трае се малку подолго, потенцира Божиновска. 

Прашана за уделот што го има државава во терминалот во Александрополу, рече дека државава практично воопшто нема никаков удел таму. 

– Пред некој ден читав дека конечно почнал да работи Александрополу. Побарав извештај од ЕСМ и видов дека нема учество во сопственоста на терминалот. Предвидено било Номагас да се стекне, меѓутоа тоа се уште не е реализирано. Предвидено е да учествуваме со 25 отсто во гасната централа, меѓутоа и тоа не беше реализирано така што ние немаме ништо од Александрополу. Единствено што имаме е договор за користење на капацитет, го имаме потпишано на 15 години и досега имаме платено околу 2,5 до 3 милиони евра. Значи, тоа се пропаднати пари, рече Божиновска. 

За се што понатаму сакаме да правиме, додаде, треба да дискутираме, меѓутоа ситуацијата сегашна е таква.

Потврди дека ќе се прави физибилити студија за изградба на хидроцентралата Чебрен, а тоа, како што кажа, е напишано и во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ. 

-Сакаме да направиме физибилити студија. За тоа ќе треба некој временски период. Во зависност од тоа колку средства ќе се потребни, бидејќи се менува хидрологијата, се менуваат финансиските средства, ќе видиме кој ќе биде ставот на Владата, меѓутоа се ќе биде најдобро за граѓаните. Да, сакаме да ја изградиме секако, но бидејќи тоа е еден сериозен проект за кој се потребни многу средства мора овој пат внимателно да дискутираме ние како држава да имаме најголем бенефит. Меѓутоа, секако е потребно време, тоа не може да се направи многу брзо, посочи Божиновска. вј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан