• вторник, 05 ноември 2024

Божикните празнувања во Бигорски почнуваат од утре наутро, покана за присуство до сите верници

Божикните празнувања во Бигорски почнуваат од утре наутро, покана за присуство до сите верници

Дебар, 3 јануари 2024 (МИА) – Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј игумен на Свештената бигорска Обител, божикните празнувања, почнуваат од утре наутро а покана за присуство имаат сите верници, кои имаат желба да го прослават светлото Рождество Христово во овој познат манастир.

- Утре во 6:30 ќе биде отслужена Утрена и Божествена Литургија во спомен на Свети Наум Охридски. Во согласност со црковниот богослужбен типик, службата на Свети Наум се префрла од петок во четврток, бидејќи во петок не се служи Божествена Литургија, туку Царски Часови. Во петок, 5 јануари во 6:30 часот ќе биде отслужена Утрена богослужба со Царски Часови за Рождество Христово, додека попладне во 16 часот Вечерна богослужба, информираше отец Кирил.

Додава дека во сабота во 6:30 часот ќе се отслужи Утрена со Златоустова Литургија, во 15 часот Празнична Вечерна богослужба во чест на Рождеството Христово а од 18:00 до 19:30 Бадникова закуска со пеење на Божикни каланди.

- Во 21:00 часот почнува сеноќно бдение во чест на светлото Рождество Христово, Големо повечерие со Литиски и Стиховни, Утрена и Божествена Василева Литургија, со којашто ќе чиноначалствува старецот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. На божикните празнични богослужби можат да присуствуваат сите коишто имаат желба да го прослават светлото Рождество Христово во нашата свештена Обител, заедно со монашкото братство, нагласува отец Кирил.

По традиција во Бигорски манастир се очекува големо присуство на верници од сите делови на државава, дел од нив веќе се тука. вт/ир

Фото: Бигорска свештена Обител

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан