Блинкен: Завршување на конфликтот според моделот на две држави е единственото решение
- -На крајот е можно да се обноват напорите за постигнување решение за две држави, што го гледаме како единствен начин да се обезбеди иднината на Израел како еврејска демократска држава и, се р
Ерусалим , 25 мај 2021 (МИА) - Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска, по средбите во Ерусалим и Рамала, изјави дека неговата земја поддржува решавање на конфликтот меѓу двата народа според моделот на две држави, израелска и палестинска, и повика од двете страни да се создаде подобра атмосфера за да се постигне ова.
-На крајот е можно да се обноват напорите за постигнување решение за две држави, што го гледаме како единствен начин да се обезбеди иднината на Израел како еврејска демократска држава и, се разбира, да им се даде на Палестинците државата на која што имаат право, рече Блинкен на прес-конференција во Ерусалим, пренесуваат француските медиуми.
Блинкен денеска пристигна на Блискиот Исток во обид да придонесе за консолидација на примирјето што во петокот рано утрината стави крај на поразителната 11-дневна војна меѓу Израел и исламистичкиот екстремистички Хамас во Газа.
Во војната загинаа повеќе од 250 лица, претежно Палестинци, и се нанесе голема штета на таа сиромашна територија на брегот на Средоземното Море.
Првиот американски дипломат кажа дека и на Израелците и на Палестинците им било речено „да ги отстранат потенцијалните катализатори за продолжување на циклусот на насилство“, истовремено правејќи напори за враќање на довербата меѓу двете страни и рехабилитација на Газа, нагласувајќи дека за тоа е потребно време, објавија израелските медиуми.
Тој објасни дека тоа го вклучува проширувањето на еврејските населби, рушењето палестински куќи, иселувања, поттикнување насилство и плаќање на терористи и дека сите овие работи можат да бидат катализатори за обновување на тензиите и секако да ги поткопаат изгледите за двете земји.
Блинкен тоа јасно им го соопшти на израелските и на палестинските лидери.
Тој, исто така, најави дека напорите за рехабилитација на Газа, што ќе бидат предводени од САД, ќе бидат насочени кон ослабувањето на Хамас, кое САД го сметаат за терористичка организација.
-Хамас напредува, за жал, заради очајот, мизеријате, недостатокот на можности, рече државниот секретар на САД, оценувајќи дека доколку се ангажираат сите партнери во регионот, вклучувајќи го и Израел и Палестинската управа, тоа ќе го разниша Хамас. сд/