• понеделник, 23 декември 2024

Битолскиот театар на фестивалот „Стериино позорје“ во Нови Сад

Битолскиот театар на фестивалот „Стериино позорје“ во Нови Сад

Нови Сад, 29 мај 2024 (МИА) - Ансамблот на НУ Народен театар-Битола утревечер ќе настапи на фестивалот „Стериино позорје“ чие 69 издание е во тек и се одржува во Српскиот народен театар во Нови Сад.

Во натпреварот за награди, битолчани ќе настапат со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ која во процесот на селекција беше избрана од д-р Ана Тасиќ, театролог и театарски критичар.

На петтото по ред учество на Стериино позорје ќе настапат актерките Сандра Грибовска-Илиевска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли и актерите Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Како што е познато, ансамблот на НУ Народен театар-Битола прв пат во Нови Сад настапи во 1977 година со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година со претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година битолчани ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен, а последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски. мт/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан