Битиќи - Реџепи: Гасификацијата се одвива по предвидената динамика
- Динамиката на изградба на примарниот гасоводен систем, текот на избор на изведувач на дистрибутивната гасоводна мрежа и гасното поврзување со Грција и останатите соседни земји, биле тема на р
Скопје, 26 ноември 2020 (МИА) - Динамиката на изградба на примарниот гасоводен систем, текот на избор на изведувач на дистрибутивната гасоводна мрежа и гасното поврзување со Грција и останатите соседни земји, биле тема на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи со директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.
Битиќи, како што информираат од неговиот кабинет, на состанокот посочил дека е задоволен од динамиката на изградба на примарната гасоводна мрежа, која се одвива според планираното и дека овој процес мора да се одвива непречено и понатаму. Воедно, нагласил дека паралелно се продолжува со процесот за избор на компанија, која по принцип на јавно-приватно партнерство би го градела, одржувала и управувала дистрибутивниот систем.
- На овој начин истовремено би се работело на изградба и ставање во функција на примарната и секундарната гасоводна мрежа, а крајна цел е граѓаните и компаниите да добијат диверзифицирани можности за снабдување со енергенси, а со користењето на природниот гас како енергенс би се придонело за заштита на животната средина, заштеда на финансиски средства и поголема кокурентност на компаниите. Капиталните инвестиции во гасоводната инфраструктура, но и сите други капитални инвестиции ќе бидат следени од Централна единица за надгледување и реализација на капиталните инвестиции, која ќе се формира од Владата, а со која ќе се осигура високо ниво на нивна реализација, дополни вицепремиерот Битиќи.
Битиќи и Реџепи, се вели во соопштението, зборувале и за плановите за изградба на интерконективниот гасовод со Република Грција, со кој ќе се диверзифицираат и изворите за снабдување на земјата со природен гас, преку терминалите за течен нафтен гас од Александрополис и другите извори кои ги користи грчкиот оператор ДЕСФА. Со ова, освен досегашната конекција со Република Бугарија, ќе се добие уште еден извор за снабдување на земјата со природен гас, а воедно ќе ја позиционира Северна Македонија како регионален хаб за природен гас, кој потоа може да се дистрибуира во некоја од соседните земји.
- Реализацијата на капиталните инвестиции во гасоводната инфраструктура, како примарната, така и секундарната, гасната интерконекција со Грција, а потоа и со другите земји во регионот, ќе биде во фокусот на АД Национални енергетски ресурси во наредните години, рече директорот Реџепи и додаде дека обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија.
Битиќи и Реџепи, стои во соопштението, ги истакнале своите споделени намери процесот на гасификација да се реализира со најбрза можна динамика, при што се согласиле континуирано и заеднички да ги следат сите тековни процеси и да работат на ефикасна реализација на проектите кои се планирани. аа/дма/