• вторник, 24 декември 2024

Битиќи: Во апсолутен износ капиталните инвестиции оваа и следната година се далеку од тоа што некогаш сме се навикнале да го гледаме

Битиќи: Во апсолутен износ капиталните инвестиции оваа и следната година се далеку од тоа што некогаш сме се навикнале да го гледаме

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи развојната компонента во Буџетот за наредната година ја гледа во фактот што предвидените капитални расходи се поголеми од буџетскиот дефицит и особено во структурата на капиталните инвестиции. Според него, сосема е различно да се гради автопат, патишта, детски градинки и да се инвестира во образование од она на што претходно се трошеле парите.

-За првпат после 2023 во 2024 година капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит, нешто што на секоја влада и е императив. Ние постигнавме во 2023 година тоа да го направиме, ќе го направиме и во 2024 затоа што покажавме дека тоа е возможно. Во апсолутен износ капиталните инвестиции оваа година и следната година се далеку од тоа што некогаш сме се навикнале да го гледаме и структурата на капиталните инвестиции е исто така променета, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање по отворањето на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели Цветови“ во општина Кисела Вода ка кое присуствуваше заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. 

Надвор од тоа, додаде, се грижиме за подобрување и зголемување на продуктивноста и ефикасноста во јавниот сектор и услугите кон граѓаните. Покрај тоа, како што кажа, во буџетот за наредната година се предвидува и преполовување на буџетскиот дефицит во споредба со годинава, а во наредните години и враќање на нормалниот буџетски дефицит.

-Сите тие различни параметри, ние ги нарекуваме развојните компоненти коишто можете да ги видите во буџетот, а економистите тоа го разбираат. Секако не треба да заборавиме дека следната година е една од потешките затоа што имаме два изборни процеси и за жал навиката кај нас во општеството е кога има изборни процеси скоро да не е ни возможно да функционира државата, рече Битиќи и покрај тоа, посочи, сметам дека тоа што е предвидено во сегментот на капитални инвестиции ќе продолжи да се спроведува за да не трпат граѓаните без разлика на политичките превирања во општеството.  

Тој кажа дека системските пропусти не може да се елиминираат во една година и додаде дека тоа што над 50 отсто од буџетот оди на социјални трансфери не е болка од 2024 година, туку од осамостојувањето на државата.

-Пензискиот фонд којшто треба да опслужува 336.000 корисници во 2017 го најдовме во многу лоша состојба, можам да кажам пред колапс. Успеавме да го намалиме нивниот дефицит т.е. буџетските издатоци. За секоја друга земја тоа би било скоро невозможно и ние велиме дека тоа најверојатно е голем издаток, но мора да го опслужиме, потенцира Битиќи. 

Прецизира дека реализацијата на капиталните инвестиции во годинашниот Буџет во моментов е 69 отсто и додаде дека вредноста на капиталните инвестиции од 763 милиони е скратена на 650 милиони евра. 

-Во моментов реализацијата на капиталните инвестиции е околу 70, до крајот на годината мислам дека ќе стасаме над 90 отсто што во апсолутен износ е еден од најголемите износи некогаш потрошено во државата затоа што вообичаено ако го видиме наназад трендот на капиталните инвестиции не бил никогаш во апсолутен износ повеќе од 450 милиони евра. Значи, ќе имаме од прилика 200 милиони евра повеќе потрошено од секоја друга година наназад да кажеме во последните 10 години. Таму ја гледаме развојната компонента, потенцира Битиќи. вј/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан