• недела, 22 декември 2024

Мрежарината од јануари поевтинува за седум проценти, Бислимоски очекува крајната цена на струјата за домаќинствата да не биде поскапа за повеќе од еден процент

Мрежарината од јануари поевтинува за седум проценти, Бислимоски очекува крајната цена на струјата за домаќинствата да не биде поскапа за повеќе од еден процент

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија од 1 јануари се зголемува за 5,68 проценти, цената за дистрибуција на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти, а цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО се зголемува а 19,8 проценти.

Влијанието на цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија врз крајната цена по која потрошувачите ги плаќаат сметките за струја е 4 проценти, цената за дистрибуција влијае 33 проценти врз крајната цена, а цената на МЕМО влијае само 0,19 проценти. Вкупно трите ставки влијаат со 38 проценти врз крајната цена за потрошувачите.

- Делот од мрежарината кој го плаќаат домаќинствата и на најголем број од малите потрошувачи се намалува за седум проценти. Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која ЕСМ ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач која изнесува 62 евра за мегават час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини, не очекувам дека ќе има поголемо покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата од еден процент, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

Успеавме, додаде, да ја намалиме мрежарината поради тоа што одредени компании имаа повеќе остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа ни овозможи да се доведеме во ваква поволна ситуација. Во моментов, домаќинствата ја плаќаат мрежарината по 2,3 денари, а од 1 јануари ќе изнесува 2,14 денари по киловат час потрошена електрична енергија.

- По носењето на овие одлуки во текот на следните денови, ЕВН Хоум како универзален снабдувач до РКЕ ќе ги достави на контрола крајните цени за домаќинствата  и за малите потрошувачи, појасни Бислимоски.

Долгот од 40 милиони кон Електродистрибуција, како што кажа, веќе трета година по ред се плаќа и во наредните години ќе биде вратен на компанијата преку цените за дистрибуција на електрична енергија.

- Сега ни е најбитно обезбедување на ценовна стабилност пред се за домаќинствата, но исто така во наредниот период треба да се насочиме кон стабилизација на ЕСМ. Како Регулатор иако немаме влијание на цените кои ги нуди ЕСМ на тендерите во наредниот период ќе се насочиме на секаков можен начин да помагаме да дојде до стабилизација на финансиската состојба во ЕСМ. Ќе преземаме мерки и ќе испраќаме сигнали до пазарот на електрична енергија да му обезбедиме на ЕСМ поголеми количини да ги продава на слободниот пазар во државата каде цените се далеку повисоки од тие што му ги нуди на универзалниот снабдувач, но при тоа и ЕСМ ќе треба да работи на зголемување на своето производство на електрична енергија, рече Бислимоски.

Инаку, МЕПСО од РКЕ побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 50,58 отсто, МЕМО за 78,58 отсто, а Електродистрибуција  поднесе податоци во кои не беа вклучени трошоците за покривање на загуби во дистрибутивната мрежа бидејќи не беше завршена постапката за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан