• петок, 22 ноември 2024

Бислими: Србија продолжува да ја попречува нормализацијата на односите со Косово

Бислими: Србија продолжува да ја попречува нормализацијата на односите со Косово

Приштина, 27 февруари 2024 (МИА) - Косовскиот вицепремиер, воедно и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека, иако помина една година од бриселскиот договор, Србија се уште одбива истиот да го потпише, со што ја попречува нормализацијата на односите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на Фејсбук по повод годишнината од потпишувањето на последниот договор, Бислими вели дека во текот на оваа година имало бројни прекршувања и „континуиран деструктивен пристап“ од страна на Србија.

- Кога треба да бидеме на вистинскиот пат на целосна и безусловна имплементација на Договорот од Брисел, одбележуваме една година од денот кога е договорен, а Србија се уште одбива да го потпише и затоа го спроведува договорот. Напротив, во целиот овој едногодишен период се соочуваме со прекршувањата на Србија, нејзините ескалации на терен, вербалното и официјално отфрлање на договорот и континуиран деструктивен пристап, пишува Бислими.

Тој вели дека потпишувањето на договорот е понудено пет пати, притоа додавајќи дека Србија прекршила осум члена од Основниот договор, неговата преамбула и членови од Анексот за имплементација.

- На 27 февруари во Брисел, на 18 март во Охрид, на 14 септември во Брисел, на 26 октомври во Брисел, на 8 февруари во Њујорк, вкупно пет пати јавно беше понудено потпишување на договорот, но беше одбиено. Освен тоа, Србија прекрши осум члена од Основниот договор, неговата преамбула и членови од Анексот за имплементација, пишува главниот косовски преговарач.

Заменикот на Курти ја обвини Србија дека во текот на изминатите година дена ги уценувала и им се заканувала на косовските Срби да не учествуваат на локалните избори на 23 април, ги нападнала косовските институции, КФОР и новинарите, киднапирала полицајци и го извршила нападот на 24 септември во Бањска. Воедно, го споменува и распоредувањето на воените трупи на Србија на границата со Косово.

- По договорот од Брисел и Охрид, тие ги уценуваа и им се закануваа на косовските Срби да не учествуваат на локалните избори во април, еден месец подоцна ги нападнаа нашите институции, КФОР и новинарите, киднапираа тројца полицајци внатре на нашата територија, го нападнаа северниот дел на земјата на 24 септември, во чинот на агресија на Бањска, воените трупи се приближија до нашата граница и како јасна и отворена закана изјавија дека нема да го признаат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово, како и официјално го потврдија отфрлањето на Бриселскиот Договор преку писмото на премиерката Брнабиќ во декември, пишува Бислими.

Според него, „за само една година сите овие дела и однесувања докажаа дека Србија силно го попречува напредокот на патот кон целосна нормализација на односите и меѓусебното признавање, додека, според него, Косово останува конструктивно и ангажирано за целосна имплементација на договорот од Брисел и анексот од Охрид.

- Косово, од своја страна, останува конструктивно и ангажирано на ова патување, во целосна, правична и безусловна имплементација на Основниот договор и Анексот за имплементација, преку балансиран план за секвенционирање меѓу страните. Договорот од Брисел и неговиот анекс за имплементација мора да се спроведат што е можно поскоро. На регионот му треба развој и просперитет, хармонија и добрососедски односи меѓу сите држави од регионот, порача Бислими. иа/мс/

Остани поврзан