• понеделник, 23 декември 2024

Бигорски манастир: Радосна вест и од Православната црква на Полска

Бигорски манастир: Радосна вест и од Православната црква на Полска
Дебар, 27 октомври 2022 (МИА) - Православната црква на Полска го потврдила молитвеното општење со нашата ценета црква, на одржаното редовно есенско заседание  на Архијерејскиот собор, објави Бигорски манастир.
Во објавата се пренесува извадок од официјалното соопштение од канцеларијата на Светиот архијерејски синод, кој се однесува на нашето црковно прашање.
- На 25 октомври 2022 година, под претседателство на Неговата еминенција, Високопреосветениот г. Сава, православeн митрополит Варшавски и на цела Полска, се одржа есенското заседание на Светиот собор на епископите на Полската автокефална православна Црква. Присутни беа сите архиепископи и епископи. Седниците се однесуваа на надворешни и внатрешни работи, стои во соопштението.
Се додава дека во однос на надворешни работи прифатени се информациите од Константинополскиот патријарх во врска со новите светители и со одземањето на некои свештенички чинови од страна на Патријаршијата.
- Прочитана е информацијата од Српскиот патријарх за осамостојувањето на Православната црква во Северна Македонија. Светиот собор на епископите со радост ја прими на знаење оваа информација и го потврди молитвеното општење со горенаведената Црква, се наведува во официјалното соопштение од канцеларијата на Светиот архијерејски синод на Православната црква на Полска.
Како што претходно објави Бигорски манастир, „древната Антиохиска патријаршија, на заседанието на својот Свет и Свештен синод го потврди прифаќањето на Охридската архиепископија во канонско и литургиско општење со целата православна полнота". вт/хс/

Остани поврзан