• понеделник, 23 декември 2024

Библиотеките од Делчево и Благоевград потпишаа Меморандум за соработка

Библиотеките од Делчево и Благоевград потпишаа Меморандум за соработка

Делчево, 17 ноември 2023 (МИА) - Потпишувањето Меморандум за соработка го означи почетокот на заедничката соработка помеѓу Јавната локална библиотека „Илинден" од Делчево и  регионалната библиотека „Димитар Талев“ од Благоевград, Република Бугарија. Меморандумот го потпишаа директорката на библиотеката од Благоевград, Емилија Малешевска и на ЈЛБ „Илинден", Бољана Петровска која токму на покана на библиотеката „Димитар Талев"  учествува на Третата конференција на локална историја на тема „Народните занаети од македонскиот регион“.

-Самата конференција меѓу другото беше одлична можност за воспоставување соработка помеѓу ЈЛБ „Илинден“ Делчево и библиотеката од Благоевград. Потпишан е и Меморандум за соработка меѓу двете библиотеки. Благодарност до сите вработени во библиотеката во Благоевград, особено благодарност до директорката Емилија Малешевска за убавиот прием, разбирање и желба за понатамошно сорабоување и комуникација, рече Петровска.

На конференцијата како што додаде директорката на делчевската културна установа учествувале поголем број библиотеки од пограничниот регион. 

-На Конференцијата навистина имаше што да се слушне, види и научи. Беа претставени карактеристични занаети од регионот со репортажи, презентации и мали изложби. Беше чест да се биде дел од настанот, додаде Петровска.

Соработката, како што потенцираа од двете установи, ќе продолжи и во наредниот период, со реализација на заеднички проекти од областа на библиотекарството и културата. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан