• вторник, 26 ноември 2024

Бешлиовска: Статусот ,,договор на дело" најмногу ги одлева медицинските сестри од болниците 

Бешлиовска: Статусот ,,договор на дело

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Статусот „договор на дело" најмногу ги одлева медицинските сестри од болниците. И апелираме во иднина да не се вработуваат сестри под договор на дело, изјави денеска Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ,,За нас". 

На новинарско прашање, таа се осврна на проблемот со потребата од трајно вработување на сестрите кои досега биле работно ангажирани со години, а не биле редовно вработени. Проблемот е, како што појасни, во некои институции каде што имало осум или девет медицински сестри, а условно во колективните договори постоеле места за три или четири. Тоа се решавало со барање до Министерството за информатичко општество од каде се дозволувало проширување на систематизација, но тоа бил процес што трае три до четири месеци. 

-Се надевам дека нема да има манипулации при вработувањата и дека ќе се вработат редовно, тие што и досега биле работно ангажирани. Јавно се обратив, замолувајќи, на огласите, да не им се земаат местата на овие сестри што со години работеле за 12 илјади денари и навистина заслужуваат да добијат редовно вработување, нагласи таа.

Прес конференцијата на Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „За нас", се одржа пред почетокот на трибината посветена на Унијата и здруженијата на медицински сестри, во пресрет на состанокот со Министерството за здравство и канцеларијата на СЗО. 

- Добивме една експертиза од СЗО, имаме неколку нивни сугестии во правец на тоа како треба да ги поставиме работите, додаде таа. 

Бешлиоска рече дека очекуваат многу работи да се сменат на подобро. За сестрите како засега неозаконета професија,  да не бидат, како што рече, марионети на секој систем и гарнитура. 

-Овој закон за озаконување на сестрите и регулирање на професијата е многу важен за нас. Од Министерството за здравство ни е кажано дека многу забрзано се работи на него, ветено ни е дека законот ќе се појави во собраниска процедура.

 Организирани се четири трибини за сестринската професија, денеска се реализира втората, појасни таа. 

Меѓу другото, Бешлиоска рече дека незадоволството е големо, сестрите со средна стручна спрема имаат многу ниски лични доходи,  се разговарало со синдикатот и нивните плати мораат да бидат одлепени од минималниот личен доход. Таа приговори и за други проблеми со кои се соочуваат. 

- Се додека го немаме законот, ние сме оставени на некој начин на милоста и немилоста на менаџерските тимови во болниците. Имаме различни правилници, различно третирање, подвлече Бешлиоска. 

Таа сподели пример од болница каде менаџерскиот тим си зел за право сестрите со високо образование да не ги става да работат во дежурства, бидејќи, условно, ќе земеле многу големи лични доходи. Ама на сметка на тоа, биле оптеретувани сестрите со средна стручна спрема, со седум до девет дежурства во месецот, за да ги одделеле од минималниот личен доход и да можеле да земаат плати како што треба. бд/ев/


Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан