• недела, 22 декември 2024

Беци: ДЕА ќе отвори претставништво во Тирана бидејќи Албанија се претвори во проблем со трговијата со дрога

Беци: ДЕА ќе отвори претставништво во Тирана бидејќи Албанија се претвори во проблем со трговијата со дрога

Тирана, 3 октомври 2024 (МИА) - Поранешниот обвинител за тешки кривични дела, Еуген Беци, го коментираше отворањето на канцеларијата на американската ДЕА во Тирана, велејќи дека на тоа била „принудена откако Албанија станала проблем со трговија со дрога“.

Во емисијата „Отворено“ на News24 тој рече дека ДЕА интервенира само кога станува збор за трговијата со кокаин и перење пари, додавајќи дека „албанските криминални организации ја потопија Европа со дрога“.

- Трговијата со дрога во Албанија ја принуди ДЕА да отвори канцеларија. Албанија стана проблем и за ДЕА. Ова може да се нарече и неуспех на албанската држава во борбата против кокаинот. ДЕА интервенира само кога станува збор за трговија со кокаин и перење пари, посочи тој.

Според него ако претходно ДЕА имала канцеларија во Атина, сега ќе има и во Тирана, бидејќи „Албанија станала центар за ангажирање „војници“ за криминалните организации, а има и центар за расчистување на кривичните дела. 

Деновиве  шефот на Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал на Албанија, СПАК, Алтин Думани објави дека ДЕА ќе отвори свое претставништво во Тирана.

За време на Меѓународната конференција за борба против дрогата што од 24 до 26 септември се одржуваше во Атина,  тој се сретна со шефицата на Агенцијата за борба против дрога, Ен Милграм.

Двајцата, како што изјави, ја потврдиле соработката меѓу двете структури и се „заложиле за нејзино зајакнување, што ќе кулминира со отворање претставништво на американска агенција за борба против дрога во Тирана“. вт/

Фото: Принтскрин

 

 

Остани поврзан