• вторник, 05 ноември 2024

„Бехтел и Енка“ во Прилеп нудат работни места за повеќе профили потребни за изградба на автопатот Прилеп-Битола

„Бехтел и Енка“ во Прилеп нудат работни места за повеќе профили потребни за изградба на автопатот Прилеп-Битола

Прилеп, 14 септември 2023 (МИА) - Компанијата „Бехтел и Енка“ денеска отвори штанд во центарот на Прилеп и на прилепчани им нуди работни места од повеќе профили за изградба на автопатот Прилеп-Битола. Ова е четврт саем по оние ово Тетово, Гостивар и Битола, а од 20-ти септември ќе има и во Кичево, Велес и во Куманово. Компанијата досега има ангажирано 35 локални компании за работите на двата коридора, Коридорот 8 и Коридорот 10 Д.

-Нудиме работни места од повеќе профили и на терен и во канцеларија. Имаме потреба од повеќе од 2000 вработени, досега се 150-тина, а пристигнати се 370 апликации. Ќе ги прегледаме и да видиме кои профили ни одговараат. Што се однесува до платите, сме во корелација со локалната понуда и пазарот, рече Џошуа Bејкер, директор на проектот на „Бехтел и Енка“.

На штандот во центарот на Прилеп има интерес.

- Се јавуваат и прашуваат за општи, градежни работници, а има и за градежни инженери. За еден час досега се три апликации, а има 30 заинтересирани, вели Ангела Трајаноска од штандот на Саемот за вработување.

За Агенцијата за вработување на Македонија ова е одлична можност за пазарот на трудот.

- Изградбата на коридорите е одлична можност за невработените да аплицираат. Во Прилеп има 6 200 активни баратели на работа. И во Тетово и Гостивар имаше интерес. Ова е одлична можност за невработените, зашто е сериозен проект за наредните пет години и можност за пазарот на трудот, рече Беким Мурати, директор на Агенцијата за вработување на Македонија.

Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски многу е битно што компанијата бара работна сила кај локалните компании и меѓу македонските граѓани за што сите се залагаат.

- Ова е развој за градежништвото во Регионот и развој за економијата. Се развиваат 25 стопански гранки кои ги раздвижува градежништвото. И по изградбата на автопатот Прилеп-Битола ќе се отворат нови работни места, развој на ТИРЗ зоната, а приватните компании ќе може да си ги планираат своите бизниси. Тоа, практично е цел синџир на економски развој и за да ги задржиме граѓаните да живеат во овој Регион. Многу е битно што работната рака се бара од граѓаните, а не како што некои се сомневаа дека ќе се увезува. Можност е градежништвото да го подигнеме на ново, повисоко ниво. Убеден сум дека имаме квалитетни градежни работници и инженери, изјави Бочварски.

Владата и државата се залагаат патната инфраструктура да се доведе во европски рамки и стандарди. Годинашниве вложувања во патната инфраструктура се 480 милиона евра.

- Ги градиме и ги рехабилитираме сите патишта во Македонија. До крајот на август се реализирани 60 проценти или околу 300 милиона евра од предвидените 480 милиона евра капитални инвестиции во патната инфраструктура. Не очекуваме проблеми со екпропријацијата за автопатот Прилеп-Битола. Имам одлична соработка со сите државни институции за тоа, рече Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.

Автопатот Прилеп-Битола, делница од Коридорот 10Д ќе се гради 57 месеци. ем/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан