• среда, 27 ноември 2024

Бесими: Партнерството со Светска банка продолжува со нова петгодишна програма

Бесими: Партнерството со Светска банка продолжува со нова петгодишна програма

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) – Економските перформанси на Република Северна Македонија се позитивни. Економијата се покажаа поотпорна од очекуваното во првата половина од оваа година, инфлацијата е на едноцифрено ниво, буџетските политики се реализираат согласно планираното, продолжува постепената фискална консолидација, а учеството на капиталните расходи од 5 отсто од БДП на годишно ниво ќе имаат значајна улога во генерирање економски раст. 

Ова беше констатирано на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, која се одржа во Маракеш, Мароко во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.

-Со Светската банка имаме исклучително значајно партнерство кое одбележа 30 години. Тоа има посебно значење во спроведување на реформите поддржани преку проекти во вредност од 2,8 милијарди американски долари, Значајна е обезбедената поддршка во услови на економска несигурност и негативното влијание од Ковид-19 и војната во Украина, како и проектите што се спроведуваат во моментов, а се однесуваат на подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, енергетската ефикасност, реформи во социјалниот сектор и основното образование, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека ова силно и континуирано партнерство продолжува и во наредниот период. До крајот на годината, додаде, очекуваме да се заокружи новата петгодишна програма. Веќе се дефинирани проектите коишто ќе бидат опфатени со оваа програма, а ќе значат одржување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст.

Дополнително, на средбата, е истакнато дека до крајот на годинава се очекува да се одобри и заем за развојни политики од  околу 100 милиони долари, насочен кон поддршка на процесот на реформа на јавната администрација, справување со неформалната економија, како и за поддршка на мерките и активностите предвидени со Планот за забрзан економски раст.

-Ваквата поддршка е поткрепа на нашите напори за фискална консолидација, а значи и потврда на макроекономските политики што ги спроведуваме. Тоа ќе и помогне на земјата да изгради поотпорна економија и да обезбеди позелен развој, оцени Бесими.

На средбите одржани со високите претставници на Светска банка присуствуваше и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерот Бесими во Маракеш, во рамки на Годишните средби оствари средби и со високи претставници на ММФ, а се очекува да се сретне и со претставници на Банката на Америка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација  - ИФЦ и Меѓународната развојна агенција  - ИДА.вј/са/

Фото: Министерство за финансии

 

 

Остани поврзан