• понеделник, 23 декември 2024

Бесими: До 5 отсто економски раст преку нови развојни фондови и инструменти за финансирање

Бесими: До 5 отсто економски раст преку нови развојни фондови и инструменти за финансирање

Скопје, 8 мај 2021 (МИА) - Формирање на развојни фондови, како на пример можност за воспоставување на Фонд за поддршка на извозни компании, Фонд за инвестиции, Фонд за зголемување на средства, Фонд за ризичен капитал,  Стратешки инвестициски фонд, како и користење на инструментот краудфандинг или групно финансирање, се дел од Планот за финансирање на заздравување и забрзан економски раст. Планот има за цел преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор да ги мултиплицира инвестициите во јавниот и приватниот сектор и со тоа да го забрза економскиот раст, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна и посочува дека на ваков начин можат да се постигнат повисоки стапки економски раст од 5 отсто во просек.

Во колумната објавена на вебстраницата на Министерството за финансии, Бесими пишува дека во време кога сите земји го имаат покачено долгот, како резултат на Ковид-19 кризата, потребно е да се најдат нови извори на финансирање, со цел истовремено да се поттикне економскиот раст, но и да се задржи макроекономската стабилност.

-Во насока на нашите заложби за фискална консолидација, а воедно и заложбите за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на БДП од 5%, во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е Планот за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, кој наскоро ќе го презентираме и дискутираме во јавноста. Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Со планот сакаме да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, а притоа да останеме на зацртаниот курс постепено да го намалуваме фискалниот дефицит и да го задржиме долгот на стабилно ниво, пишува Бесими.

Планот, како што наведува министерот, се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти коишто се наведени во рамките на Националниот инвестициски комитет (НИК), како и нови проекти, коишто можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.

-Се разгледува можноста  да се воспостават различни развојни фондови кои ќе таргетираат проекти во јавниот и приватниот сектор и ќе користат различни механизми за прибирање на капитал. Еден од нив е Фондот за поддршка на извозни компании, кој преку поволни кредитни продукти ќе ги поддржи производните компании кои се извозно ориентирани. Друга можност е формирање на Фонд за инвестиции, кој ќе поддржи крупни проекти, пред се капитални - образовни проекти како изградба на градинки, училишта, спортски сали и сл., при што при избор на компании кои би биле вклучени во целиот процес би се дала предност на мали и средни компании. Уште еден предвиден фонд е Фондот за зголемување на финансиски средства (Fund of Funds), во чиј фокус ќе биде да се стимулираат поголеми инвестиции на растечки-фокусирани бизниси. Предвидено е и основање и работење на Фонд за ризичен капитал, кој ќе прибира инвестиции од институционални инвеститори и приватни претприемачи кои ќе вложуваат поголеми износи. Преку Стратешки инвестициски фонд би се финансирала инфраструктура и инвестиции. Дополнителен инструмент за финансирање, се планира да биде и краудфандингот. Исто така, се разгледува можноста за инструмент развојна обврзница, наведува Бесими.

Министерот за финансии во колумната наведува дека во насока на имплементирање на новите финансиски инструменти, потребно е создавање на соодветна институционална рамка со која ќе овозможи примена на истите, како и нивно понатамошно надградување. Во процес е создавање и носење на неколку законски решенија кои ќе го поддржат креирањето на овие фондови.

Во рамки на тие законски решенија е Законот за инвестициски фондови кој е во собраниска процедура. Со поддршка на Светската банка, Министерството за финансии го работи и Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој треба да се донесе  во текот на 2022 година и со кој ќе се уреди работењето на фондовитe за ризичен капитал. Преку Законот за изменување и дополнување на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот се уредува кредитно-гарантна шема (Гарантен фонд), кој нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства преку преземање на дел од кредитниот ризик заедно со комерцијалните банки. Со измените овој закон предвидува и формирање на фондови со кои може да управува Развојната банка во име на државата, кои ќе се однесуваат на кредитирање во земјата, издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување, откуп, продажба и наплата на побарувања, факторинг и форфетинг за сметка на клиенти, тргување со хартии од вредност во свое име и за своја сметка, прибирање, обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица и нивна продажба, економско-финансиски консалтинг, кредитно осигурување од комерцијални и политички ризици и осигурување на инвестиции.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан