• недела, 24 ноември 2024

Берзата утре ќе одржи Инвеститорски ден

Берзата утре ќе одржи Инвеститорски ден

Скопје, 12 септември 2024 (МИА) - Македонска берза утре ќе одржи Инвеститорски ден. Ќе се вкучат Централниот депозитар за хартии од вредност, сите десет членки на Берзата, а иницијативата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност. 

Одржувањето на Инвеститорскиот ден, што се одржува петти пат, значи дека на тој ден на тргување на Берзата сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.

Поконкретно, на Инвеститорскиот ден сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива. Притоа ќе треба да бидат исполнети условите: Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата; Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата; Износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен и трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

- Целта е промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава, сооопшти Македонска берза.

Потенцираат дека сите десет членки на Берзата го поддржуваат „Инвеститорскиот ден“:  Еурохаус АД Скопје, Илирика Инвестментс АД Скопје, Инвестброкер  АД Скопје, Иново Брокер АД Скопје, Комерцијална банка  АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска  банка АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Фершпед брокер АД Скопје, Шпаркасе Банка АД Скопје. лв/нд/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан